• сабота, 23 ноември 2024

 Нова голема донација на хуманитарното друштво „Letzcare“ и иселеникот Алили за здравствени установи во државава

 Нова голема донација на хуманитарното друштво „Letzcare“ и иселеникот Алили за здравствени установи во државава

Дебар, 9 август 2024 (МИА) - Нова донација во апарат, помагала и медицински материјал доби Здравствениот дом „Русе Бошкоски“ во Ростуше од хуманитарното друштво „Letzcare“.

 „Letzcare“ го предводи иселеникот Сафет Алили по потело од долнореканското село Присојница кој со семејството живее во Луксембург.

-За Здравствениот дом вчера дониравме ехоапарат, инвалидски колички, ролатори, помагала за движење и туширање, специјални униформи за персоналот на службата за итна помош, како и широка лепеза на медицински материјал. Донацијата следува по направената детална анализа што на оваа здравствена установа и е најнеопходно, изјави Алили за МИА.

И претходно во неколку наврати Алили донираше помагала, апарати и медицински материјал за Здравствениот дом во Ростуше, но и за установи во Дебар, Струга, Отешево, Скопје, Виница.

-Во тек е распределбата на донацијата, што е дел од четвртиот проект, по трите минатата година, кој опфаќа и апарати за Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид. Во шлеперот со помош имаме и инвалидиски колички, ролатори и други помагала и медицнски материјал, кои ќе бидат распределени на соодветни установи во Скопје, како и училиштето во Велес за деца со посебни потреби, ни рече Алили на средбата во Дебар.

Во досегашниот период распределни се 65 електрини кревети, 250 инвалидски колички, 310 ролатори, 30 дигалки за пациенти, исто толку шкафови, 11 палети со медицински материјал, и многу други помагала, како и училишни клупи и столчиња, каде што се најпотребни.

-Човекот треба да биде задоволен со она што го поседува и да го споделува со другите на кои им е потребна помош. Денеска не треба да имате многу за да бидете задоволен, затоа што границите на материјалното се бесконечни. Има една изрека не е важно што имате, туку тоа што го имате како го користите. Нашите родители не воспитуваа да помагаме секому, а чувството за хуманост го пренесовме и кај помладите наши генерации, вели Алили, додавајќи дека тој најдобро ги разбира лицата со посебни потреби, меѓу кои веќе две децении е и самиот тој.

Објаснува дека „Letzcare“ е меѓународна, невладина и непрофитна организација, регистрирана за цела Европа а за нашата држава  претставник е Самија Ибраими од село Присројнца. Додава дека, заедно со тројцата синови и семејството на неговиот брат а со помош и од други субјекти и понатаму ќе спроведуваат вакви
проекти во интерес на целните групи. вт/мч/

фото: МИА

Остани поврзан