• сабота, 23 ноември 2024

 „Лице в лице“ одбележува десетгодишен јубилеј, #ДобриКартички - нов производ

 „Лице в лице“ одбележува десетгодишен јубилеј, #ДобриКартички - нов производ
Скопје, 11 февруари 2022 (МИА) - Со новиот производ #ДобриКартички, платформата за одржлив развој „Лице в лице“, во чии рамки излегува и истоименото улично списание, годинава ја одбележува десетгодишнина од својата работа и постоење. -Прославуваме деценија од делувањето на мисијата преку која го унапредуваме квалитетот на животот на ранливите сограѓани, но, и укажуваме на потребата од постоење систем во кој сите се еднакви. Со новите картички, пак, посочуваме дека женските прашања не се само предизвици за жените, туку за сите нас. И со списанието редовно укажуваме на промените кои ни е се неопходни, ако сакаме да чекориме по пат во кој сите имаат еднаков третман и можности. Силно веруваме дека пораките од #ДобритеКартички ќе донесат гласност во борбата против (не)видливата дискриминација, но, и ќе ја поттикнат грижата за себе кај жените, велат од тимот на „Лице в лице“. Првата едиција на „Добрите картички“ е креирана во соработка со нашата позната дизајнерка, Ружица Мандичевска – Руки Чуки. - Се радувам на оваа иницијатива, посебно затоа што е дел од „Лице в лице“. Првичната идеја на повеќето илустрации е да се укаже на еднаковст и на прифаќање на различностите и затоа посебно сум среќна што одлично се вклопија во производот #ДобриКартички. Како секој да си работел на веќе зададена мисија, па се најдовме на кратко да го „официјализираме“ производот. Од друга страна, многу сакам родендени и честа да прославам 10 години заедно со „Лице в лице“ е огромна. Пораката е јасна, плус прилично шарена, па затоа, да ги загрееме пенкалцата за пишување картички. Споделете љубов, грижете се за себе и уживајте во секоја минута, порача Ружица Мандичевска - Руки Чуки. „Добрите картички“, како „Срце полно љубов. Секој ден“, „Корисникот е недостапен. Ужива во времето посветено на себе“, „Раванија или револуција? Може и двете!“ и уште шест други, за почеток, ќе бидат достапни во книжарниците на „Три“, а во одредени периоди и поводи, ќе ги има и кај продавачите на „Лице в лице“. Десетгодишнината на платформата за одржлив развој „Лице в лице“, низ бројки, се одбележува со 49 изданија, 3.100 инклузивни страници, 150 вредни продавачи низ улиците на осум градови во земјава, 235.000 испечатени примероци и огромен број соработници и поддржувачи. „Лице в лице“ е улично списание (социјално претпријатие за работна интеграција) кое излегува од септември 2012 година. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е директна заработка за продавачот (доколку го купите списанието директно од продавач на терен или преку неговата веб-продавница), или се вложува во инклузивни програми како поддршка на продавачите за градење вештини и за нивно вклучување на отворен пазар на труд. Останатата половина се вложува во создавање нови содржини, печатење на списанието, развој на платформата за одржлив развој. мд/дма/

Остани поврзан