• недела, 24 ноември 2024

 Конференција на ОЛАФ за борба против фалсификувањето на играчки 

 Конференција на ОЛАФ за борба против фалсификувањето на играчки 

Брисел, 18 декември 2023 (МИА) - Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) во соработка со Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ (ЕУИПО) и Даночната агенција на Шпанија, денеска и утре во шпанскиот град Аликанте организира Конференција за борба против фалсификувањето играчки. 

Како што соопшти денеска ОЛАФ, околу 60 учесници на дводневната конференција ќе разговараат за идентификување на најновите криминални трендови и најдобрите практики во справувањето со појавата на фалсификување играчки. 

Генерален директор Виле Итала на Конференцијата порача дека фалсификуваните играчки можат да ги доведат децата во опасност. 

- Илегалните играчки што не ги почитуваат безбедносните стандарди, а кои може да вклучуваат и фалсификати, може да содржат високи нивоа на забранети или штетни хемикалии и може да предизвикаат гушење, задушување и опасност од пожар, порача Итала. 

Дополнително, според него, овие фалсификувани играчи не само што може да ја загрозат безбедноста на децата, дополнително претставуваат и кршење на правата на интелектуална сопственост.  

- Тоа им нанесува штети на легалните бизниси и не чини работни места, предупреди Итала. 

Како што соопшти ОЛАФ, иако борбата против фалсификуваните играчки е процес што се спроведува во текот на целата година, таа е особено значајна во пресрет на божиќните и новогодишните празници. 

Според податоците на ОЛАФ, секоја година во ЕУ се запленуваат десетици илјади фалсификувани играчки. Покрај на запленувањето на овие играчки, ОЛАФ работи и на откривање и разбивање на меѓународните шеми за нивно производство и дистрибуција. 

- Важно е сите да бидат внимателни со фалсификатите, вклучително и потрошувачите и родителите. Кога купувате играчка, добра практика е да се провери дали ја има ознака ЦЕ (CE) и да се внимава на какви било знаци на фалсификување во пакувањето. Ако некој се сомнева дека играчката е фалсификат, треба тоа да го пријави кај властите, се додава во соопштението на ОЛАФ. сп/

Фото: ОЛАФ

Остани поврзан