• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

 Затворена Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“

 Затворена Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“

Скопје, 10 април 2025

 

По три инспиративни дена исполнети со интензивни дискусии, иновативни идеи и меѓународна размена на визии за иднината, вчера свечено беше затворена Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“. Овој значаен настан претставува платформа што ги обединува генерациите, ги поврзува културите и поттикнува дијалог меѓу водечки умови од различни области, со една заедничка цел – изградба на посветол и поинклузивен свет.

Конференцијата испрати силна и јасна порака: дека мирот, инклузијата и технолошкиот напредок мора да се надополнуваат и да одат рака под рака доколку сакаме одржлива и праведна иднина за сите.
Панелот насловен „Дипломатија водена од технологија: Може ли вештачката интелигенција и новите технологии да ги надминат глобалните разлики или да ги продлабочат поделбите?“, ги отвори најрелевантните прашања за иднината на меѓународните односи, улогата на технологијата во дипломатијата и етичките дилеми со кои се соочува човештвото во ерата на дигитална трансформација.
Свои експертски мислења споделија: Сем Дејвис, висок советник во Иницијативата за управување со вештачка интелигенција при Оксфорд Мартин, Универзитетот Оксфорд, и директор на Мултилатерална вештачка интелигенција, Милица Пејановиќ-Џуришиќ, министер за одбрана на Црна Гора (2012–2016), Анис Сефиданис, вонреден професор на Факултетот за применета ИТ, машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, Горан Шибаковски, декан на Факултетот за применети информатички технологии, машинска интелигенција и роботика „Св Апостол Павле“ и професор по политички науки при истиот универзитет, Принц Борис Петровиќ Његош, член на куќата Петровиќ Његош, Цаи Јуежу (Cai Yuezhou), професор и истражувач од Институтот за квантитативна и технолошка економија при Кинеската академија на општествени науки. Панелот беше модериран од Кристе Крстовски, истражувач во Институтот за наука за податоци и доцент на Бизнис школата при Универзитетот Колумбија.

Вториот панел, насловен „Инклузивно лидерство – Улогата на младите во глобалната стабилност“, беше посветен на младинските лидери, нивната визија, енергија и способност да создадат промена. Говорниците на панелот потсетија колку е важно младите да бидат дел од процесите на одлучување и градење општества што ги ценат различноста, праведноста и инклузијата.
Панелисти беа, Анастасија Илиевска, претседател на Иванов Школа за Лидери Алумни Асоцијација, новинар и експерт за јавен говор и говор на тело, Моника Ризовска, стратег и консултант за брендирање на работодавци, глобален директор за заедници во Women in Tech, Хепи Гилберт Манго, прв секретар за развој при Амбасадата на Република Малави во Берлин, член на ISLAA генерација 2024, Гордан Јорданов, директор за Македонија и Европа во Обединетата македонска дијаспора, член на ИСЛАА генерација 2022, Јаков Павловиќ Латас, финансиски советник во NLB Фондови АД Скопје, независен советник за управување со богатство и корпоративни финансии, член на ИСЛАА генерација 2023. Модератор на панелот беше Данче Азманова Мирчевска, основач на „Working Mom“, ко-основач на „Трикси Бокс“ и член на ИСЛАА генерација 2016.

На младинскиот панел беше презентирано истражувањето во чиј фокус беше мислењето на младите, нивните предизвици и потреби, спроведено од страна на ИСЛАА  и Меѓународниот центар Алијанса на Цивилизациите, истото преточено во Младинска декларација која ќе биде презентирана пред носителите на одлуки во Македонија.
Свечената церемонија беше збогатена со поздравни обраќања од претставникот на УНХЦР во Македонија, Габриел де Годи, Цу Леи (XU LEI), вршител на должност отправник на работи на Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје и Петар Стојанов, поранешен претседател на Република Бугарија (1997–2002).
Конференцијата официјално ја затвори Иван Иванов, Претседател на извршниот одбор на Меѓународниот центар Алијанса на цивилизации, кој во своето инспиративно обраќање потенцираше дека само преку меѓусебна комуникација и искрени односи меѓу искуството на постарите генерации и ентузијазмот на младите, можеме заедно да ја создадеме иднината што ја заслужуваме. Дијалогот мора да продолжи – денес, утре и секогаш."
Меѓународната конференција заврши, но дијалогот продолжува – како патоказ за мир, стабилност и иновативна соработка на глобално ниво.

Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов

Фото: Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан