• недела, 24 ноември 2024

 „Аџилак“ – нова поетска книга на Ирена Бабамова Стојчева

 „Аџилак“ – нова поетска книга на Ирена Бабамова Стојчева

Скопје, 28 мај 2024 (МИА) - Ирена Бабамова Стојчева, една од генерацијата млади македонски поетеси, во поетската едиција на „Макавеј“ ја објави новата стихозбирка „Аџилак“.

Оваа нова поетска обзнана на талентираната поетеса го продолжува успешниот залет започнат со претходните поетски објави од деведесетттите години: „Крик во тишината” (1994) и „Сага за ветената земја” (1997) “ со кои го најави својот заслужен пат кон квалитетното поприште на современата македонска поезија.

- Ирена Бабамова Стојчева со оваа книга самоуверено и стабилно влегува во разбрануваните збиднувања во генерациски младиот но веќе зрел и квалитетно вграден корпус на поетски придонеси во современата македонска поезија. Посебно, во генерацијата поетеси и поети родени во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, потенцира во издавачката препорака кон книгата поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски.

Ирена Бабамова Стојчева е родена на 28 февруари 1979 година во Струмица. Со високо образование се стекнува на Правниот факултет Скопје, по што продолжила да се развива работејќи на програми на ЕУ за прекугранична соработка. „Крик во тишината” (1994) и „Сага за ветената земја” (1997) се првите публикувани збирки поезија со кои се претставила пред јавноста во своите детски и младешки години. Во 2007 година ја добива прва награда за литературна творба (во рамките на
годишната награда „Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици” на градот Струмица). ад/дма/

 

Остани поврзан