• Wednesday, 25 December 2024

Јубилејни 80 години постоење одбележа ОУ „Гоце Делчев“-Тетово

Јубилејни 80 години постоење одбележа ОУ „Гоце Делчев“-Тетово

Тетово, 24 декември 2024 (МИА) - Основното училиште „Гоце Делчев“ од Тетово вечерва со свеченост го одбележа 24 декември 1944 година, датумот кога е почната наставата на македонски јазик и осум децении од своето функционирање. Од 1944 до 1993 година училиштето го носеше името „Маршал Тито“, а сегашниот објект го добива во учебната 1976/1977 година.

- Со особена чест стоиме на ова историско место, исполнето со спомени, знаење и спомнувања за да го одбележиме значењето на 80 години од почетокот на наставата на македонски јазик во Тетово. На овој ден се сеќаваме на минатото, ја славиме сегашноста и правиме планови за иднината. Пред осум децении во најтешките историски околности нашиот народ го направи првиот чекор кон создавање на својот културен идентитет. На 24 декември 1944 година, на само еден месец од ослободувањето на Тетово, во услови кога надвладеала желбата за почеток на школување на мајчин јазик Тетово го добива своето прво училиште со настава на македонски јазик. Ова е потврда на широката национална и културна борба која го постави темелот на македонската независност и самостојност во културниот и образовниот живот во Македонија. Вистинска победа за народот која беше подложен на многу притисоци, но кој остана доследен и не попушти во своето право да ја негува својата традиција, својот јазик и својата иднина, истакна во пригодниот реферат наставникот по македонски јазик Воислав Трипуновски.

Со пригодни обраќања за историјата и значењето на македонскиот јазик и литература зборуваа универзитетскиот професор Михајло Марковиќ, Весна Костовска од Институтот по македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, како и писателите Јован Дамјановски и Славица Дабевска Ќировска.

По повод 80 - годишниот јубилеј училиштето им додели благодарници на ученици кои постигнале високи резултати на натпревари по македонски јазик и литературни конкурси. ас/вг/


фото: МИА