Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ во март домаќин на ректорите на универзитетите членки на Европската универзитетска алијанса AC2EU
- Во периодот од 23 до 27 март, Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип ќе биде домаќин на серија активности во рамките на Европската универзитетска алијанса AC2EU, кои произлегуваат од работата на Алијансата. Проректорката за меѓународна соработка на УГД-Штип проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска вели дека еден од настаните ќе биде во насока на утврдување, преглед, односно во која насока се оствариле мобилностите на студенти и професори, а вториот настан е организација на ректорски состанок.
Штип, 4 февруари 2026 (МИА) - Во периодот од 23 до 27 март, Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип ќе биде домаќин на серија активности во рамките на Европската универзитетска алијанса AC2EU, кои произлегуваат од работата на Алијансата. Проректорката за меѓународна соработка на УГД-Штип проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска вели дека еден од настаните ќе биде во насока на утврдување, преглед, односно во која насока се оствариле мобилностите на студенти и професори, а вториот настан е организација на ректорски состанок.
-На нашиот Универзитет ќе престојуваат сите ректори од универзитетите членки на Алијансата. Идејата е да ги утврдиме и поставиме темелите на правниот ентитет на новата европска универзитетска Алијанса. Значи, ние како Алијанса формиравме конзорциум од девет универзитети, меѓутоа идејата на алијансата и на Европската комисија е да се креира еден правен ентитет, единствен европски Универзитет, којшто ќе има меѓународен субјективитет и кој ќе може да издава европска диплома на студентите, која ќе биде признаена. Практично, преку овој заеднички ентитет ние ќе создадеме заеднички мастер програми, постдипломски и заеднички докторски студии, и понатаму, и заеднички додипломски студии, изјави Никодиновска-Крстевска.
Во поглед на реализацијата на мобилности, како на студенти, така и на наставничкиот и научен кадар, Никодиновска-Крстевска најавува интензивирање во наредниот период.
-Првата година е почеток на активностите, востановување на начините на комуникација, и помал број на едукативни активности и можности кои се остварија. Досега се реализираа десетина вакви настани и можности, така што околу 40-ина студенти имаа можност веќе да учествуваат на некои едукативни школи и размена во Германија, Португалија, Шпанија, Романија, вели Никодиновска-Крстевска.
Таа најави дека допрва ќе се распишуваат конкурси за вакви едукативни активности.
-Не се отвораат можности само за патување на наши студенти, туку и кај нас ќе доаѓаат студенти од другите универзитети на едукативни активности, кратки летни школи. Следниот период имаме организација на настани заедно со Општината и со Музејот, и заедно ќе мапираме и ќе трасираме нов туристички развој, нова мапа и нови интересни содржини на градот Штип со помош на студентите, академската заедница и локалните чинители, подвлече Никодиновска-Крстевска. вдј/вј/
Фото: МИА