• Wednesday, 23 October 2024

Штипската населба Света Недела доби парк, игралиште и детско катче

Штипската населба Света Недела доби парк, игралиште и детско катче

Штип, 22 октомври 2024 (МИА) - Отворени се новиот парк, детското катче и спортското игралиште во населбата Света Недела во Штип. Ерол Адемов вработен во Општина Штип денеска изјави дека просторот е целосно опремен за сите генерации, да можат да го користат и да го минуваат своето слободно време. Проектот се реализираше со финансиска поддршка од УНДП.

-Го отворивме овој парк за децата до осум годишна возраст, исто така го имаме и паркот каде може граѓаните да се одморат, а се направи и игралиште во кое ќе можат младите да спортуваат и да го развијат нивниот здрав дух, вели Адемов.

Интеграцијата на Ромите и поддршка за нив е еден од најважните сегменти во општеството посочи на настанот, преставникот на УНДП, Ана Чернишова. Таа најави дека и понатаму ќе продолжат со активности и проекти преку кои ќе се помогне на лицата Роми.

-Секое општество се оценува врз основа на тоа не како го третира мнозинството, туку како го третира малцинството. Затоа е важно да се развива едно демократско општество. Во изминатите три години УНДП во соработка со општината како и ЕУ и Владата работат на проекти за интеграција на Ромите. Резултатите се веќе видливи, со изградба на игралиштето, паркот, вели Чернишова.

Она што беше зацртано како цел за интеграција на Ромите во општеството е исполнето, со што се овозможуваат подобри услови за нив и подобро секојдневие, посочи градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Додаде дека согласно проектот невработени лица од месното население ќе бидат вклучени во одржување и чистење на содржините.

-Имаме можност да го погледнеме она што УНДП го финансира за да се создаде ваква содржина, да го заштитиме пред сѐ зелениот појас кој е наоколу имајќи во предвид дека проектот предвидува и меки мерки односно ангажирање на невработени лица кои во наредниот период ќе бидат задолжжени за одржува на оваа содржина, изјави Јорданов.

Настанот беше отворен со турнир во мал фудбал кој се одржа на новоотвореното спортско игралиште. Инаку, овде се работи и на изградбата на новите 41 типска куќа со кои своето станбено прашање ќе го решат 41 семејство. вдј/са/

Фото: МИА