• Friday, 20 March 2026

Христодулидис: Треба да започнеме отворена и искрена дискусија со британската Влада за статусот на британските бази на Кипар

Христодулидис: Треба да започнеме отворена и искрена дискусија со британската Влада за статусот на британските бази на Кипар

Атина, 19 март 2026 (МИА) – Кога ќе заврши сегашната неповолна ситуација на Кипар, треба да се одржи отворена и искрена дискусија со британската Влада во врска со статусот и иднината на британските бази на Кипар, посочи кипарскиот претседател Никос Христодулидис при пристигнувањето на Европскиот совет во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање за британските воени бази што беа нападнати на почетокот на месецов, претседателот на Кипар посочи дека дискусијата со Велика Британија мора да започне, но лично тој нема јавно да ги отвори картите.

- Нема јавно да го формулирам моето барање, но треба да ја започнеме оваа дискусија. Британските бази на Кипар претставуваат колонијално наследство на островот. Постојат над 10.000 кипарски граѓани во рамките на британските бази и имаме одговорност за овие луѓе. А кога ќе се расчисти ситуацијата на Блискиот Исток, ќе имаме отворена и искрена дискусија со британската Влада. Имаме јасен пристап во однос на иднината на британските бази. Сигурен сум дека разбирате дека нема да преговарам јавно, нагласи Христодулидис.

Во однос на темите на агендата на Самитот на ЕУ, изрази оптимизам дека дискусијата за европската конкурентност ќе донесе резултати бидејќи е „многу важен сектор за ЕУ и е во рамките на зајакнувањето на нејзината автономија, која ги опфаќа сите области“.

За ситуацијата на Блискиот Исток, посочи дека „важно е преку дискусијата да се испратат две многу конкретни пораки“: дека ЕУ суштински е заинтересирана за состојбата на Блискиот Исток и дека „земјите од регионот, со кои сме во контакт, очекуваат иницијатива за ставање крај на војната“.

- Сметам дека денеска, како ЕУ треба да размениме некои мислења, да имаме улога во една иницијатива, затоа што, доколку не постои никаква иницијатива, продолжувањето на оваа состојба ќе делува негативно врз сите нас, посочи кипарскиот претседател.

Се осврна и на помошта што Кипар ја доби од европските земји и објасни дека преку реакцијата „во пракса беше активиран членот 42(7)“ и иако тоа не беше формално, „видовме како функционира преку конкретните реакции на одредени држави“.

Нагласи дека искористувајќи го ова искуство, Европска Унија треба да воспостави механизми за тоа како оперативно се активира овој член, објасни дека на оваа тема разговарал и со претседателот на Европскиот совет и со претседателката на Европската комисија, но и дека ќе се најде на агендата на неформалниот состанок, што ќе се одржи во Никозија на 23 и 24 април.

Христодулидис синоќа во Брисел се сретна со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш со кој разговарале за кипарското прашање.

Рече дека била продуктивна дискусија и изрази задоволство што имаат заедничка цел, да постои суштински напредок пред завршувањето на мандатот на Гутереш, односно пред крајот на годината. ср/мс/

Фото:МИА/ Кабинет на кипарскиот претседател