• Sunday, 20 October 2024

Хамнеи: Смртта на Синвар нема да ја запре Оската на отпорот

Хамнеи: Смртта на Синвар нема да ја запре Оската на отпорот

Техеран, 19 октомври 2024 (МИА) – Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи изјави дека смртта на лидерот на Хамас, Јахја Синвар нема да ја запре Оската на отпорот и оти Хамас ќе продолжи да дејствува.

- Неговата смрт е несомнено болна за Оската на отпорот, но овој фронт не престана да напредува со мачеништвото на истакнати личности. Хамас е жив и ќе остане жив, посочи Хамнеи.

Синвар, организаторот на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кој ја предизвика војната во Појасот Газа, беше убиен во судир со израелските сили на 16 октомври.

- Тој беше блескаво лице на отпорот и борбата. Со челична одлучност му се спротивстави на суров и агресивен непријател. Со мудрост и храброст на 7 октомври му зададе непоправлив удар, што остана запишан во историјата на овие простори. Потоа се искачи со чест и гордост до рајот на мачениците, наведе Хамнеи.

Оската на отпорот е создадена со поддршка на Иран, а ги вклучува Хамас, либанската група Хезболах, движењето Хути во Јемен и различни шиитски групи во Ирак и во Сирија. Групите се спротивставуваат на Израел и американското влијание на Блиски Исток. ми/

фото: ЕПА