• Tuesday, 03 September 2024

Филипче заедно со градоначалникот на Центар присуствуваше на првиот училишен ден во ОУ „Коле Неделковски“ во Скопје

Филипче заедно со градоначалникот на Центар присуствуваше на првиот училишен ден во ОУ „Коле Неделковски“ во Скопје

Скопје, 2 септември 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, денеска присуствуваше на почетокот на новата учебна година на  во ООУ „Коле Неделковски“ во Општина Центар, каде беа пуштени во употреба нови училници и кабинети.  Ова е нова инвестиција во училиштето Коле Неделковски по 66 години.

-Градоначалникот Горан Герасимовски и Општина Центар издвоија 43 милиони денари за изградба на 4 нови училници, 2 кабинети, една библиотека. Средства кои обезбедуваат инклузивност во образованието, со лифт и тоалет за учениците со потешкотии во движењето како и пристапна рампа за непречен пристап во училиштето, рече Филипче.

Додаде дека СДСМ обезбедува инклузивно образование за секое дете. Образование кое ги почитува и прифаќа различностите и кое овозможува и децата со попреченост да имаат еднакви шанси за достигнување на својот полн потенцијал и придонес во општеството.

-Преку проектот за унапредување на основното образование СДСМ во изминатите години реализираа реконструкции на санитарни јазли и изградба на рампи за ученици со попреченост во повеќе од 40 училишта. СДСМ набави и опреми кабинети по природни науки во повеќе од 260 основни училишта и опрема и нагледни средства за кабинети по природни науки во повеќе од 358 училишта. А, минатата 2023 година, сите основни училишта во државата комплетно беа опремени со нови нагледни средства и помагала во кабинетите по историја, географија и за другите предмети од групата општествени науки. И овие инвестиции не треба да престанат, затоа што без квалитетно образование нема силна држава, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи дека кога биле на власт секоја година наставниците ја почнувале со ново зголемување на платата, а ВМРО ДПМНЕ пред неколку месеци ветувала поголеми плати за 15 отсто од 1 септември за денеска да кажале „не сега“.

-Најстрашно е тоа дека ВМРО ДПМНЕ ги остави без образовни асистенти учениците со посебни образовни потреби. Денеска на првиот училишен ден ВМРО ДПМНЕ ги прекина договорите на 800 досегашни образовни асистенти, лица кои се прифатени и им се блиски на самите ученици. Тоа е навистина срамно и нечовечно. За среќа во Општина Центар градоначалникот Герасимовски имаше распишано јавен повик за лични образовни асистенти кои ќе ги придружуваат учениците и ќе им помагаат во секојдневното совладување на целиот образовен процес, истакнба Филипче.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека вложувањето во образованието не е само зграда или инфраструктура, туку вложување во иднината на децата. 

-Со ова доградба училиштето доби 4 нови училници, два кабинети за психолог и педагог, како и нова библиотека. Особено сме горди што просториите се целосно инклузивни со лифт за ученици со потешкотии во движењето, специјализиран тоалет за ученици со посебни потреби и пристапна рампа за полесен пристап до училиштето, подвлече Герасимовски.

Додаде дека оваа инвестиција е направена со највисоки стандарди за енергетска ефикасност и квалитет. Инвестицијата вреди околу 43 милиони денари и е целосно финансирана од страна на Општината.рт/са/

Фото: СДСМ