Трилатерална конференција во Скопје за вклучување лица со попреченост, регионална соработка и развој во Западен Балкан
- Конференцијата претставува платформа за размена на искуства, презентација на добри практики и зајакнување на партнерствата меѓу организации и институции од Северна Македонија, Албанија и Косово, со цел поттикнување на регионален дијалог и заедничко делување кон поинклузивни политики и практики, потенцираа организаторите.
- Post By Блаже Дарудов
- 07:13, 4 February, 2026
Скопје, 4 февруари 2026 (МИА) - Трилатерална конференција посветена на унапредување на вклучувањето на лицата со попреченост и зајакнување на регионалната соработка за одржлив развој ќе се одржи денеска во Скопје. Организатори се здружението Институт за развој на заедницата, во партнерство со Фондацијата „Преда плус“ и АДРФ (Albanian disability rights foundation) и со поддршка од партнерски организации, а во рамките на регионалната иницијатива Empowered, соопштија организаторите.
- Носител на проектот е АСБ South East Europe. Проектот е финансиран од страна на Сојузното министерство за економска соработка и развој на Сојузната Република Германија (БМЗ). Оваа конференција на едно место ги собира претставниците на релевантните министерства, организации на лица со попреченост, експерти и приватниот сектор од Република Северна Македонија, Албанија и Косово - појаснија организаторите.
Како што посочија, целите се промоција на учеството на лицата со попреченост во креирањето политики и институционални реформи, поттикнување на хармонизацијата на законодавството со Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, јакнење на регионалната соработка и мрежите за застапување за размена на знаење и добри практики, идентификување конкретни чекори и иновативни решенија за инклузивен пазар на труд, унапредување на механизмите за поддршка за долгорочно вклучување.
- Конференцијата претставува платформа за размена на искуства, презентација на добри практики и зајакнување на партнерствата меѓу организации и институции од Северна Македонија, Албанија и Косово, со цел поттикнување регионален дијалог и заедничко дејствување кон поинклузивни политики и практики - потенцираа организаторите.
Во рамките на конференцијата предвидено е учесниците да дискутираат на два панела. Првиот е за регионална соработка, иновации и застапување за системски промени во областа на вклучувањето. Вториот е за политики за вработување и поддршка за вработување на лица со попреченост.
Организаторите најавија и присуство и обраќање на заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, како и на Кевин Маас, шеф на Одделот за прес и култура од германската амбасада во Република Северна Македонија. бд/мд/
Фото: МИА архива