• Wednesday, 13 November 2024

Текстилен кластер: Побрзо враќање на средствата од ДДВ-то и запазување на рокот согласно законските одредби

Текстилен кластер: Побрзо враќање на средствата од ДДВ-то и запазување на рокот согласно законските одредби

Скопје, 12 ноември 2024

Текстилниот кластер на Управниот одбор одржан на 11.11.2024 со присуство на 11 членови излезе со следното соопштение за јавноста:

Текстилната индустрија е важен сегмент за економијата на Република Северна Македонија која вработува над 40.000 работници и е втора извозна гранка после металната индустрија со вкупен извоз од над 500 милиони евра.

Развојот на гранката е насочен кон одржливи практики, одговорни набавки и почитување на социјални стандарди. Во последната деценија индустријата се повеќе се насочува кон производство на облека со повисока додадена вредност, па така се поголем е бројот на компаниите кои од производство на класичен лон преминуваат кон производство на готов производ, каде што има големи вложувања како во организацијата така и во финансирањето на набавките на репроматеријалите. Одредени компании одат уште понапред во својот развој, па веќе интензивно вложуваат во нови технологии и 3Д дизајн што воедно се дел од европските практики на паметна специјализација, одржлив развој, дигитализација и циркуларна економија. За жал, во една ваква констелација, каде што индустријата се обидува да ги следи светските трендови, се соочуваме со пречки кои неминовно ја враќаат чекор наназад.

Имено, набавката на репроматеријали од странство (бидејќи во Македонија не постои базно производство) е поврзана со уплата на високи износи на ДДВ, посебно кога се работи за скапи и квалитетни ткаенини. Овие износи, поради извозната ориентираност на гранката, до месец април 2024 год. редовно се враќаа на месечен или тромесечен основ, но од месец април 2024 год. настапи застој и неповрат на средствата. Суштината на ДДВ-то е компаниите да го пресметуваат и плаќаат при продажбата, но да добиваат поврат на влезниот данок. Без ова да функционира компаниите се оптоваруваат со огромни износи на ДДВ, спротивно на Законот. Истото се случува и со повратот на уплатени придонеси кај заштитните друштва каде се доцни со поврат и над 6 месеци.

Тука се поставуваат пршањата: Зошто ДДВ-то до месец април 2024 год. се враќаше редовно, а од месец април наваму касни над 6 месеци од законскиот рок и како ќе се покријат каматите на кредитите кои компаниите ги подигаат заради каснење на повратот на ДДВ или повратот на средства кај заштитните друштва, за да може истите непречено да функционираат?

Затоа Текстилниот кластер ги замолува одговорните институции за побрзо враќање на средствата и запазување на рокот на враќање согласно законските одредби, бидејќи на индустријата и се потребни не само средствата од ДДВ туку и дополнителни стимулации за да истата ја одржи својата конкурентност и да ги задржи своите странски купувачи кои заради глобалните случувања постојано ги намалуваат цените и во секој момент можат да го пренасочат производството во други земји.

Се надеваме на брза реакција од соодветните институции и истовремено стоиме на располагање доколку е потребно заеднички да делуваме на решавањето на проблемите кои сите нас не засегаат.

 

Текстилно Трговско Здружение - Текстилен кластер

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.