Списанието Archaeology Magazine објави прилог за неолитските антропоморфни модели на куќи од Македонија
- Популарното списание Archaeology Magazine, едно од најчитаните во светот во областа на археологијата, објави прилог за неолитските антропоморфни модели на куќи од Македонија. Центарот за истражување на предисторијата соопшти дека вклучување македонски артефакти во списанието е врвна афирмација за нашето културно наследство.
- Post By Хатка Смаиловиќ
- 10:30, 1 April, 2026
Скопје, 1 април 2026 (МИА) - Популарното списание Archaeology Magazine, едно од најчитаните во светот во областа на археологијата, објави прилог за неолитските антропоморфни модели на куќи од Македонија. Центарот за истражување на предисторијата соопшти дека вклучување македонски артефакти во списанието е врвна афирмација за нашето културно наследство.
- Во најновиот број на Archaeology Magazine е објавен напис за древните модели на куќи во светот, со посебен осврт на оние откриени во Македонија. За овој прилог консултиран е археологот Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата, кој во разговор со уредникот на списанието ги акцентира најважните општествени промени во неолитот и нивните симболички рефлексии врз материјалната култура. Притоа е истакнат обредниот карактер на неолитските куќи, кој бил отелотворен токму преку антропоморфните модели на куќи, првин изработени во Пелагонија, а потоа и во другите региони на Македонија. Прилогот во ова списание воедно ја образложува и функцијата на антропоморфните модели како комеморативни ламби, користени во чест на основачите на неолитските куќи и на оние што духовно се грижеле за нив - наведува Центарот за истражување на предисторијата.
Посочува и дека објавениот прилог за овие предисториски артефакти од Македонија предизвикувал големо внимание меѓу читателите во светот.
- Тоа го покажува љубопитството на светската јавност за нивната загадочна улога. Интересот на едно вакво врвно списание за нашите антропоморфни модели покажува дека тие се соодветно презентирани во истакнати меѓународни публикации од страна на неколку македонски археолози. Сепак, неопходна е уште поголема афирмација и заштита на едни од најуникатните артефакти во Македонија, кои заслужуваат уште поголемо присуство во светската јавност. Во секој случај, и овој прилог на Archaeology Magazine прави голем чекор кон приближување на овие извонредни предисториски предмети кон љубителите на минатото и отвора нови порти за нивно натамошно меѓународно презентирање и проучување - се наведува во соопштението. хс/вј/
Фото: Центар за истражување на предисторијата