• Wednesday, 25 March 2026

Сопругата на премиерот Мицкоски на глобален самит во Вашингтон во организација на Меланија Трамп: Целта на Владата е младите да ја разбираат технологијата и да ја користат за решавање проблеми

Сопругата на премиерот Мицкоски на глобален самит во Вашингтон во организација на Меланија Трамп: Целта на Владата е младите да ја разбираат технологијата и да ја користат за решавање проблеми

Скопје, 25 март 2026 (МИА) - Сопругата на премиерот Христијан Мицкоски, Рози Мицкоска, учествува на дводневниот самитот Fostering the Future Together Global Coalition Samit во Вашингтон, организиран од првата дама на САД, Меланија Трамп, на кој учествуваа претставници од 45 држави и над 20 водечки технолошки компании.
 
Целта на самитот, како што информираат од владината прес-служба, е да ја зајакне глобалната соработка за подобрување на образованието, технологијата и благосостојбата на децата во услови на дигитална ера. Оваа иницијатива промовира создавање партнерства меѓу државите и приватниот сектор, развој на иновативни образовни програми и користење напредни технологии, како што е вештачката интелигенција, за поддршка на младите.

Во рамките на самитот Мицкоска имаше свое обраќање на работната сесија на тема„Safety and Protection online. Во својот говор Рози Мицкоска посочи дека во Македонија веруваме оти дигиталната писменост мора да почне порано во образовниот процес.
 
- Нашата цел е младите, не само да ја користат технологијата, туку да ја разбираат, да размислуваат критички за неа и да ја користат за решавање проблеми од реалниот живот. Клучен чекор во оваа насока е училишната програма на 21 век, имплементирана во партнерство со меѓународните организации и приватниот сектор. Денес, 341 основно училиште и речиси 1.900 наставници во нашата држава се дел од оваа иницијатива - истакна, меѓу другото, Мицкоска.

Целта на работната сесија, се вели во соопштението, е да ги собере првите дами од целиот свет и да се разговара за иновативни начини и стратегии и да се адресираат предизвиците со кои се соочуваат децата и учениците во дигиталната сфера.
 
По работната сесија, учесниците на самитот, меѓу кои и Мицкоска, присуствувале и на Tech Expo, каде што најпознатите светски компании за напредна технологија ги презентираа некои од своите производи.

Самитот претставува официјално лансирање глобална коалиција, која има цел да им помогне на децата од светот да стекнат вештини потребни за иднината. аа/вј/

Фото: Влада на РСМ