Сатирична работилница за деца во Кавадарци
- Учениците од основните училишта имаат можност да се запознаат со создавањето на детски афоризми и епиграми, како и со нивната ликовна обработка и илустрација. Оваа работилница за пишување е и работилница за размислување, за духовитост, за досетливост и за креативно изразување на детскиот свет, рече Убавкова
Кавадарци, 25 февруари 2026 (МИА) - Сатирична работилница за деца се реализираше синоќа во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во
Кавадарци. Марина Убавкова, модератор, културен координатор и уметнички соработник на настанот, рече дека станува збор за работилница, простор каде зборот станува игра, мислата станува уметност, а хуморот – начин на размислување.
-Учениците од основните училишта имаат можност да се запознаат со создавањето на детски афоризми и епиграми, како и со нивната ликовна обработка и илустрација. Оваа работилница за пишување е и работилница за размислување, за духовитост, за досетливост и за креативно изразување на детскиот свет.
Преку инспирација, разговор и практична работа, учениците ќе се охрабрат самите да смислат интересен афоризам поврзан со нивното секојдневие – училиштето, другарството, семејството, соништата. Зашто токму во детската перспектива често се крие најискрената и најостроумната мисла, истакна Убавкова.
Работилницата ја водеа писателот-сатиричар Миле Ѓорѓијоски, автор на првата книга со детски афоризми во земјава, писателката Христина Деолска и Убавкова.
- Целта на оваа работилница е да се воведат децата во тајните на јазичната економичност, остроумноста и иронијата.
Како што истакнува Ѓорѓијоски, афоризмот е кратка сатирична мисла, а епиграмот – најкратка сатирична песничка. Но и во таа краткост се крие длабочина, порака и насмевка што нè тера да размислиме, посочи Убавкова.
Таа истакна дека особена вредност на оваа работилница е запознавањето со глаголицата – старото словенско писмо.
- Учениците ќе научат основно пишување на глаголица, ќе можат да го напишат своето име, презиме, градот и државата Македонија. Ќе се работи и со првата сликовница со епиграми, каде покрај македонското кирилично писмо се користи и глаголица нова, изработена од Ласко Џуровски, кој ја надополни со три букви: Ч, Џ и Ш, појасни таа.
Вакви работилници веќе биле реализирани во повеќе градови низ државата. Со поддршка на Министерството за култура, што, како што рече Убавкова, претставува значајна поддршка за развојот на детската креативност и негувањето на јазикот и писменоста. свд/вг/
Фото: МИА