Сали - Хоџа: Потребна е итна акција за подобрување на имплементацијата на ИПА-проектите во животната средина
- Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари работна средба со министерот за животна средина и просторно планирање Мухамет Хоџа, посветена на состојбата и предизвиците во имплементацијата на ИПА-проектите во секторот животна средина.
- Post By Хатка Смаиловиќ
- 11:05, 1 April, 2026
Скопје, 1 април 2026 (МИА) - Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари работна средба со министерот за животна средина и просторно планирање Мухамет Хоџа, посветена на состојбата и предизвиците во имплементацијата на ИПА-проектите во секторот животна средина.
Како што соопшти Министерството за европски прашања (МЕП), на средбата беше констатирано дека и покрај значајната финансиска поддршка од Европската Унија, реализацијата на проектите се соочува со сериозни предизвици, особено во апсорпцијата на средствата, административниот капацитет и спроведувањето на јавните набавки.

- Особено внимание беше посветено на статусот на клучните инфраструктурни проекти, при што беше нагласено дека некои од нив се соочуваат со доцнења, неуспешни тендерски постапки или прекинати договори, што претставува ризик за навремена реализација и користење на средствата. Министрите се согласија дека главниот предизвик не е во планирањето или обезбедувањето средства, туку во нивната ефективна имплементација, и дека е неопходно зајакнување на административните капацитети, подобрување на управувањето со проекти, поефикасна координација помеѓу институциите и воспоставување механизми за спречување неуспешни тендери - соопшти МЕП.
Исто така, беше потенцирана важноста од забрзување на реформите во рамките на Поглавјето 27 и исполнувањето на обврските од реформската агенда, особено во делот на климатската политика и воспоставувањето на MRVA-системот.
- Сали нагласи дека Министерството за европски прашања ќе продолжи активно да ја координира и следи имплементацијата на реформите, со цел да се обезбеди поефикасно користење на ЕУ-средствата и постигнување конкретни резултати за граѓаните - информира МЕП. хс/вј/
Фото: Министерство за европски прашања