Распишана јавна набавка за изградба на фекална канализација во каменичките села Луковица и Тодоровци
- Општина Македонска Каменица распиша Јавна набавка за изградба на фекална канализација во селата Луковица и Тодоровци.
Македонска Каменица, 26 ноември 2024 (МИА) - Општина Македонска Каменица распиша Јавна набавка за изградба на фекална канализација во селата Луковица и Тодоровци.
Како што сооопшти денеска градоначалникот на Општината, Димчо Атанасовски станува збор за нов чекор напред во реализацијата на долгорочниог план на Општината за подобрување на условите за живот во сите населени места во нашата општина.
- Со оваа инвестиција, ќе биде изграден дел од Крак 5 од канализациониот фекален систем, со кој во иднина, покрај домаќинствата од Луковица и Тодоровци ќе бидат опфатени и домаќинствата во село Косевица, информираше Атанасовски.
Изградбата на овој инфраструктурен проект, додаде тој, ќе значи решавање на еден од најгорливите проблеми на жителите на овие села, со обезбедени современи и хигиенски услови за живеење и спречување на понатамошно загадување на животната средина.
- Средствата за реализација во износ од 2.669.491,00 денари без ДДВ се обезбедени од Буџетот на Општина Македонска Каменица. Рокот за реализирање на проектот е 180 денови од денот на потпишување на Договорот за изградба. Ве уверувам дека со заеднички напори ќе успееме да изградиме уште поубава, посовремена и развиена Македонска Каменица, дополни Атанасовски.
Општината, нагласи, останува посветена на континуиран и забрзан развој за подобрување на условите за живеење на сите граѓани на Македонска Каменица. вс/цр
Фото: Општина Македонска Каменица