Разгледување на супервештачење го одложи судењето за Илијевска во Основниот суд Куманово
- Одбраната побара дополнително време за анализа на наодот за обвинетата Вангелица Илијевска, следното рочиште закажано за јуни.
Куманово, 1 април 2026 (МИА) - На барање на одбраната за да го разгледа пристигнатото супервештачење од Клиниката за психијатрија за Вангелица Илијевска, Судот денеска донесе решение да се одложи рочиштето за случајот со обвинетата која пред две години ги уби сопругот и свекорот во семејната куќа во Кратово.
Одбраната, адвокатот Кристијан Георгиевски кажа дека добил примерок од супервештачењето неколку дена пред расправата и поради како што нагласи „опширноста и насоките за стеснета свест како посебна состојба и силна раздразливост на обвинетата“, потребно е време да се извршат консултации околу терминологијата и правната квалификација и текот на постапката.
Супервештачењето го побара Обвинителството, а Судот го прифати со образложение дека дополнителното мислење ќе отстрани какви било евентуални недоречености и пропусти и можни различни правни квалификации од претходното вештачење подготвено на барањето на одбраната на Илијевска.

Обвинителството бара Илијевска да се осуди по член 123 од Кривичниот законик, додека нејзината одбрана тврди дека таа, постапувала во нужна одбрана. На првото рочиште Илијевска, кажа дека дејствувала во нужна одбрана. Јавниот обвинител во воведниот говор кажа дека Илијевска по семејно насилство со нож ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан. Обвинителството остана на обвинителниот акт и за продолжување на куќниот притвор на Вангелица. Одбраната на првото рочиште рече дека Илијевска била во брак повеќе од десет години и била жртва на долгогодишно семејно насилство, физичко и психолошко малтретирање од сите членови на семејството, најмногу од нејзиниот сопруг Јован.
Наредното рочиште е закажано за јуни, годинава. ам/вј/
Фото: МИА архива