• Saturday, 28 December 2024

Прв случај на мпокс потврден во Косово

Прв случај на мпокс потврден во Косово

Приштина, 27 декември 2024 (МИА) - Националниот институт за јавно здравје на Косово (НИЈЗК) соопшти дека Лабораторијата за микробиологија го потврди првиот увезен случај на мпокс (поранешно име: мајмунски сипаници).

Случајот се однесува на маж (30 години), државјанин на Косово, кој беше хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести на УКЦК на 24.12.2024, по враќањето од западноафриканска земја, со симптоми како треска, осип на кожата на лицето и рацете и чешање – соопшти НИЈЗК. Пациентот е во стабилна здравствена состојба, се додава во соопштението.

НИЈЗК ги следеше сите контакти на пациентот и членовите на неговото семејство, на кои им беа дадени препораки за превентивни мерки и контрола на инфекцијата, изјавија од Институтот.

НИЈЗК ги предупредува граѓаните на внимателност, истакнувајќи дека заболените од Mpox обично имаат лесни до умерени симптоми кои траат од две до четири недели и целосно се опоравуваат.

Иако е потребна претпазливост, нема причина за паника, порачаа од Институтот. ссм/

фото: архива