• Wednesday, 01 April 2026

Почнува кампањата „Безбедноста на пешаците - одговорност на сите нас”

Почнува кампањата „Безбедноста на пешаците - одговорност на сите нас”

Скопје, 1 април 2026 (МИА) - Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Министерството за внатрешни работи, почнува национална превентивна кампања насочена кон унапредување на безбедноста на пешаците во сообраќајот.

Кампањата ќе опфати низа активности, вклучувајќи едукативни содржини, јавни настани, работилници, медиумски пораки и теренски активности, со посебен акцент на правилното користење на пешачките премини, почитување на сообраќајната сигнализација и зголемување на вниманието во урбаните средини.

- Пешаците претставуваат една од најранливите категории учесници во сообраќајот, а статистичките податоци укажуваат на потребата од континуирана едукација, подигнување на јавната свест и зајакнување на одговорното однесување кај сите учесници. Со оваа кампања се стремиме да поттикнеме поголема внимателност, почитување на сообраќајните правила и меѓусебна толеранција помеѓу возачите и пешаците - велат од РСБСП. 

Во рамките на кампањата ќе биде одбележана и Неделата на пешаците од 1 до 7 април, при што во соработка со МВР ќе бидат одржани превентивно-едукативни работилници со оваа категорија учесници во сообраќајот.

Од Сојузот апелираат возачите да ја приспособат брзината на движење, да покажат зголемена претпазливост во близина на пешачки премини и секогаш да им дадат предност на пешаците.

- Воедно, ги повикуваме пешаците да ги почитуваат правилата за безбедно преминување улица, да користат обележани премини и да бидат внимателни при движење, особено во услови на намалена видливост. Особено апелираме до пешаците да избегнуваат користење слушалки, мобилни телефони и други електронски уреди при движење и преминување улица бидејќи нивното внимание се намалува и се зголемува ризикот од сообраќајни незгоди - се вели во соопштението од РСБСП. 

Безбедноста во сообраќајот, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, е заедничка одговорност на сите нас.

- Само со совесно и одговорно однесување можеме да придонесеме кон намалување на сообраќајните незгоди и создавање побезбедна средина за сите граѓани. Да не заборавиме - СЕКОЈ ЖИВОТ Е ВАЖЕН - потенцираат од таму.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, најавуваат, ќе продолжи активно да работи на унапредување на сообраќајната култура и заштита на сите учесници во сообраќајот. сст/дма/

Фото: РСБСП

 

 

You May Also Like