• Sunday, 20 October 2024

Подгоричкото Градско позориште со најдобрата своја претстава „Мислам дека треба да разговараме“ вечер во Драмски театар

Подгоричкото Градско позориште со најдобрата своја претстава „Мислам дека треба да разговараме“ вечер во Драмски театар

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Претставата „Мислам дека треба да разговараме“ на Градско позориште Подгорица вечер ќе биде изведена во Драмски театар во Скопје во рамки на програмата на фестивалот РУТА.

На денешната прес-конференција по повод настапот, директорката на ансамблот од Подгорица, која игра и една од улогите во претставата Ивона Човиќ-Јаќимовиќ истакна дека станува збор за најдобарата претстава на анасамблот годинава што е дел од нивниот репертоар, а која актерите ја играат со посебно задоволство и страст.

-Она што од позиција на актер е могу важно кај нас, е дека „гориме“ при секое играње на претставата, и секаде каде сме ја играле претставата сме го дале најдоброто од нас, бидејќи ваква претстава публиката ретко има прилика да види, вели Човиќ-Јаќимовиќ.

Актерот Миливоје Мишо Обрадовиќ истакна дека ова е хит претстава во Подгорица, но не во онаа евтина смисла. Тешко се доаѓа до билети, ја играме со голема возбуда и навистина сакаме да ја играме бидејќи е тоа така да кажам, актерска претстава.

-Темата е бракот меѓу двајца луѓе и нивниот обид за трансформација на тој брак. Што се случува кога некој ќе се обиде да се трансформира надвор од тој брак, дали се враќа, или не се враќа, како тоа влијание на оној другиот, и на крајот каде се тие со сето тоа, дали од тоа може некогаш да се излезе или се остануваа во некои други односи. Многу занимливо, да не речеам актуелно, но за актерот многу благодарно за игра, фантастични улоги кои може само да се посакаат. Затоа што кога два часа играте така без престан со разноразни емоции, тогаш тоа е задоволство за глумецот, вели Обрадовиќ.

Неговата колешка Јелена Ненезиќ се согласува дека е ова многу добра претстава. Таа не била дел од првата постава на претставата, а се приклучила по заминувањето на актерката и тогаш директорка на нивниот театар Ивана Мрваљевиќ, која на почетокот од годинава ја загуби битката со тешката болест. Токму затоа, оваа голема загуба, за неа, но и за целата актерска екипа има посебно место.       

-Верувам дека публиката ќе понесе некои пораки од претставата, и дека ќе ги ставиме во мисла, дека ќе се случи некоја мала промена барем во еден човек, а тоа за нас е успех. Затоа театарот е толку моќен, бидејќи може да ги поместува границите, вели Ненезиќ.

За Милош Пејовиќ она што претставата ја чини како дел од животот е што, вели, може да се поврземе со тие ликови што ги играме, иако, вели, не се согласуваме со нивните ставови. Јас апсолутно не се согласувам со својот лик, но го бранам како сето тоа да сум го преживеал, вели Пејовиќ.

На новинарско прашање, колку е значаен фестивалот РУТА, Човиќ-Јаќимовиќ вели дека театарот, актерите, режисерите, драматурзите не постојат ако немаат прилика што повеќе да ги разменуваат своите дела своите претстави. Бидејќи, нагласува таа, во поврзувањето лежи напредокот на секоја култура во една држава

-Ако се зачауриме и остенеме само во една средина, тоа апсолутно за културата и театарот не значи ништо. РУТА нам ни е многу драгоцена бидејќи ни ги отвори регионалните патишта, да можеме да видиме што прават нашите колеги од регионот, тие да видат што ние правиме, кои се тие актуелни теми. Без оваа размена ние како театар како култура не постоиме, вели Човиќ-Јаќимовиќ. 

Инаку, авторката Драгана Трипковиќ и режисерот Данило Маруновиќ ја направиле претставата „Мислам дека треба да разговараме“ инспирирани од познатиот филм на Ингмар Бергман „Сцени од брачниот живот“.

Според директорот на Драмски театар Роберт Вељановски, ова ќе биде исклучителна можност за него и за скопската публика да ја погледнат оваа претстава работена според делата на големиот Бергман, со толку впечатлив наслов и со сериозен влог на акетрската екипа . 

Утре на петтиот ден на фестивалот РУТА, ќе настапи Београдско драмско позориште со претставата „Швејк“ во режија на Вељко Миќуновиќ. Фестивалската програма завршува в недела со изведбата на „Иднина“ - претстава работена во копродукција на Местно гледалишче Љубљана и Београдско драмско позориште, во која настапуваат актери од двата театра. вг/нд/

Фото: МИА