• Friday, 18 October 2024

Пакистанската полиција уапси 250 луѓе кои протестираа против наводно силување во кампус на колеџ во Лахоре

Пакистанската полиција уапси 250 луѓе кои протестираа против наводно силување во кампус на колеџ во Лахоре

Исламабад, 17 октомври 2024 (МИА) - Полицијата во централната пакистанска провинција Пенџаб уапси најмалку 250 луѓе по протестите на студентите против наводното силување на девојка во кампусот на колеџ во Лахоре, соопштија денеска официјални претставници.

Апсењата беа извршени во градот Равалпинди во близина на главниот град Исламабад, откако неколку стотици студенти запалија училница во еден од кампусите, изјави портпаролот на полицијата Мохамед Зафран.

Повеќето од приведените демонстранти беа студенти кои излегоа на улиците против наводното силување за кое покраинската влада рече дека никогаш не се случило.

Протестите во провинцијата беа предизвикани откако оваа недела станаа вирални наводите дека студентка била силувана од чувар во кампусот во источниот град Лахоре.

Главниот министер на Пенџаб, Мариум Наваз вчера рече дека полициската истрага не може да најде докази за наводното силување. Но, наводите продолжија да циркулираат откако активистите од партијата на затворениот поранешен премиер Имран Кан им се придружија на демонстрантите. Наваз ги отфрли извештаите како лажни вести на локална телевизија.

Полицијата вршеше рации во Равалпинди за да уапси повеќе студенти откако ги идентификуваше со помош на снимките од безбедносните камери. рп/

Фото: МИА архива