• Tuesday, 16 December 2025

Општина Делчево распиша јавен повик за избор на најдобрите спортисти за 2025 година

Општина Делчево распиша јавен повик за избор на најдобрите спортисти за 2025 година

Делчево, 15 декември 2025 (МИА) - Општина Делчево распиша јавен повик за доделување награди и признанија за избор на млад надежен спортист, спортист на годината, тренер на годината и спортска екипа на годината за 2025 година.

Како што информираат од локалната самоуправа, повикот се распишува врз основа на Програмата за спорт на Општина Делчево, а наградите ќе се доделуваат за постигнати резултати во индивидуален и екипен спорт. Право на предлагање кандидати имаат спортските клубови со седиште во Делчево, нивните членови, како и физички и правни лица.

Изборот ќе се врши во четири категории: млад надежен спортист/ка, спортист/ка на годината, тренер на годината и спортска екипа на годината. Наградите за млад надежен спортист, спортист и тренер можат да бидат доделени и на спортисти кои настапуваат надвор од територијата на Општина Делчево.

Наградите се доделуваат во форма на парични средства и плакета. Висината на паричните награди изнесува 10.000 денари за најдобар млад надежен спортист, 15.000 денари за најдобар спортист и тренер, како и 20.000 денари за најдобра спортска екипа.

Јавниот повик трае 12 дена и ќе биде отворен до 22 декември 2025 година. Пријавите се поднесуваат до архивата на Општина Делчево или по пошта на адреса ул. „Светозар Марковиќ“ бр.1 - Делчево, со назнака „за избор на спортист на годината“.

Со пријавата потребно е да се достави соодветна документација, вклучувајќи докази за регистрација на клубот, учество и постигнати резултати на натпревари, краток опис на кандидатурата и доказ за жителство. вс/фф/

Фото: Општина Делчево

You May Also Like