• Thursday, 26 December 2024

Околу 50 луѓе загинаа при нападот на пакистанската армија во Авганистан

Околу 50 луѓе загинаа при нападот на пакистанската армија во Авганистан

Исламабад, 25 декември 2024 (МИА) – Претставник на авганистанската талибанска Влада изјави дека при нападот на пакистанската армија врз источниот дел на Авганистан загинале 46 луѓе, од кои најголемиот број жени и деца, а шест лица се повредени.

Портпаролот на пакистанските талибанци тврди дека загинале 50 луѓе од кои 27 жени и деца.

Официјален Исламабад не го коментираше нападот, но пакистанската армија соопшти дека безбедносните сили убиле 13 бунтовници во операцијата во Јужен Вазиристан, округ долж источната авганистанска провинција Пактика.

Пакистан ги обвинува талибанците дека не се доволно посветени на борбата против акциите на милитантите долж границата, додека талибанската Влада во Авганистан тврди дека на никого не му дозволува да извршува напади врз која било земја.

Пакистански беспилотни летала и борбени авиони нападнаа камповите на исламистичките милитанти во соседен Авганистан. Пакистанската армија тврди дека цел на нападот биле борците, кои наводно стојат зад смртоносните прекугранични напади во изминатите недели. Најмалку четири засолништа што ги користеа пакистанските талибанци за обука на милитанти, вклучително и бомбаши самоубијци, беа цел на нападот.

Тоа е втор напад на пакистанските сили во Авганистан од март минатата година. Тие најверојатно дополнително ќе ги заострат и онака непријателските односи помеѓу соседните земји. ми/

фото: МИА архива