• Thursday, 05 February 2026

Обука за зајакнување на капацитетите на градинките и основните училишта во општина Ѓорче Петров

Обука за зајакнување на капацитетите на градинките и основните училишта во општина Ѓорче Петров

Скопје, 5 февруари 2026 (МИА) - Општина Ѓорче Петров организираше обука за градење и зајакнување на капацитетите на градинките и основните училишта од општината, насочена кон унапредување на образовниот процес, институционалната соработка и искористување на можностите за развој преку меѓународни и меѓуинституционални проекти, вклучително и претпристапните фондови на Европската Унија.

На обуката, како што соопшти општинската прес-служба, учествувале претставници од сите градинки и основни училишта од Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски. Тој упати порака за значењето на континуираното вложување во знаењето и професионалниот развој на воспитно-образовниот кадар.

- Образованието е наш стратешки приоритет и темел на долгорочниот развој на заедницата. Наставниците и воспитувачите се клучниот двигател на квалитетот во образованието и затоа инвестицијата во нивниот развој е директна инвестиција во иднината на нашите деца, истакна Стојкоски.

Таквите обуки, според него, не се изолирани активности, туку дел од еден поширок и континуиран процес што води кон поквалитетна настава, посилни и поотворени образовни институции и поголема подготвеност за идни проекти и партнерства.

- Преку овие обуки ги јакнеме институционалните капацитети, поттикнуваме размена на искуства и градиме самодоверба кај наставниот кадар и учениците. Нашата цел е модерно, квалитетно и одржливо образование кое ќе создава млади луѓе што ќе сакаат да ја градат својата иднина токму во Општина Ѓорче Петров, нагчаси Стојкоски.

Обуката, како што е наведено во информацијата, се реализира со поддршка и експертиза од Секторот за локален економски развој при Општина Ѓорче Петров и е дел од пошироките заложби на општината за модерни училишта и градинки, активно вклучени во современите образовни и развојни текови. сс/дма/

Фото: Општина Ѓорче Петров