Новогодишни пакетчиња од ИПА Охрид за штитениците од Дневниот центар за лица со посебни потреби во Дебар
- Интернационалната полициска асоцијација регион Охрид (ИПА Охрид), реализираше хуманитарна акција наменета за штитениците од Дневниот центар за лица со попреченост во Дебар.
Дебар, 28 декември 2024 (МИА) - Интернационалната полициска асоцијација регион Охрид (ИПА Охрид), реализираше хуманитарна акција наменета за штитениците од Дневниот центар за лица со попреченост во Дебар.
- Во духот на предновогодишна атмосфера, ним, со многу љубов и голема почит, им подаривме новогодишни пакетчиња, од срце им посакавме подобро здравје, повеќе среќни моменти и подобра 2025 година и заедно имавме предновогодишен ручек во Дебар, информираше Стефан Димоски, претседател на ИПА Охрид.
Со оваа предновогодишна дружба, додава, сакавме да покажеме поддршка за нивно ментално и емоционално подигнување, да поттикнеме и мотивираме креирање систем на хумани вредности и сите заедно, постојано да правиме чекор плус кон јакнење на грижата за нашите сограѓани-лица со посебни потреби и мал придонес.
Желба ни беше, нагласува, да ја почувствуваат искрената желба да имаат подобар живот, да им покажеме дека сме со нив, дека грижата на нивните родители и воспитувачите за нивното здравје и безбедност, е и наша грижа.
На заминување, поздравот со насмевки и пружените раце од овие деца, посочува, беа најголемото богатство и најсилниот знак на пријателство што, бескрајно не мотивира да служиме и да продолжиме да помагаме секогаш, да ја подигнуваме свеста во нашето општество, поангажирано и поорганизирано да се мобилизираме за решавањето на проблемите на децата со посебни потреби.
- Во името на членовите на Управниот одбор на ИПА Охрид, искажувам огромна благодарност до Дневниот центар за лица со попреченост во Дебар, што ни овозможија да ја оствариме оваа средба а до децата, бескрајна благодарност што ни го отворија своето чисто срце и душа, ни покажаа љубов и не потсетија дека, јазикот на пријателството не е составен од зборови, туку од разбирање, нагласува Димоски. вт/ев/
ФОТО: ИПА-Охрид