• Wednesday, 01 April 2026

Словенечкото народно гледалиште од Марибор со претставата „Амадеус“ гостува во МНТ

Словенечкото народно гледалиште од Марибор со претставата „Амадеус“ гостува во МНТ

Скопје, 1 април 2026 (МИА) - На сцената на Македонскиот народен театар, денеска, во рамките на роденденското одбележување - 81 година МНТ, ќе гостува Словенечкото народно гледалиште од Марибор со претставата „Амадеус“ од наградуваниот Питер Шафер и во режија на меѓународно признаениот македонски режисер Александар Поповски. 

Како што информираат од МНТ, претставата е псевдобиографска комична драма за еден од најславните композитори на сите времиња, напишана од англискиот драматург, сценарист и романописец, добитник на многубројни престижни награди. Најпознатата драма на Шафер, „Амадеус“, првпат била изведена во 1979 година, а светска слава стекнала благодарение на истоимениот филм на Милош Форман (1984). Во своето најпознато дело Шафер ги сумира историските околности и создава прецизни психолошки профили на протагонистите. Драмата е напишана во стилот на ретроспективна драматургија, што овозможува широки епски режисерски решенија и многуројни можности за врвни актерски остварувања.

„Амадеус“ се темели на митот за животот и меѓусебното ривалство на композиторите Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери. Шафер црпи инспирација од кратката драма на Александар Пушкин „Моцарт и Салиери“ од 1830 година. 

Во претставата играат актерите Алеш Валич, Жан Копривник, Јулија Клавжар, Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софија Тики, Тина Ројко, Ева Млакар-Поштрак и Борис Каваца - глас. 

Во пресрет на големата роденденска прослава, директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна: „Свесно избравме продукции што носат силни режисерски имиња. Носиме актуелни регионални продукции и со тоа сакаме да понудиме поинаква театарска естетика. Гостувањата не се програмски додаток или шминка, туку суштинска потреба за една национална институција. Ако МНТ сака да остане релевантен, не смее да постои во затворен културен круг. Мора да комуницира, да се компарира со други естетики и други сценски јазици. Затоа годинава ја степенуваме важноста на рецентни регионални продукции - претстави, кои веќе живеат активен сценски живот и носат јасен авторски став. Гостувањата не се само уметнички настан, туку огледало, во кое МНТ ги проверува сопствената позиција и капацитетот да биде дел од поширокиот современ европски театарски контекст“.

Александар Поповски, покрај тоа што ја потпишува режијата на гостинската претстава „Амадеус“, е и уметнички директор на мариборската Драма. 

За Поповски, фасцинантна е врската меѓу уметноста и семоќниот создавач на световите. - Тоа на некој начин го потврдува феноменот Моцарт, кој својата музика ја транскрибирал - без преписи, без корекции. Она што го слушнал во својата глава го преливал на хартија. Барем така Шафер го замислил генијалниот Моцарт, иако тоа не е чиста вистина, лично за мене, божественото инспирирање што го добива уметникот е многу значајно. И верувам во него. Во мојот живот музиката отсекогаш имала посебно место. Меѓу сите уметности, таа е несомнено највозвишена бидејќи само еден сигнал, нота или тон отвора други светови. Во музиката нотата е или точна или погрешна. Нема средина. Интересен ми е моментот во драмата кога Салиери сфаќа дека преку музиката на Моцарт го слуша божјиот глас. Со страв сфаќа дека Бог има друг избраник и му се спротивставув - вели македонскиот режисер Поповски.

- Пресреќни сме што СНГ Марибор по повеќе од 20 години гостува повторно со своја театарска продукција во МНТ. И од овој момент најавуваме меѓусебна соработка, што значи дека и МНТ во периодот што следува ќе гостува на нашата мариборска сцена - изјави директорот на СНГ Марибор, Данило Роскер. 

Во креативниот тим се потпишуваат: Вања Магиќ  сценограф, Марита Ќопо и Миа Поповска - костимографи и Росана Хрибар - кореограф. 

На 3 април ќе биде изведена монодрамата „Безгрешна“ (Immaculata) според драматизација и адаптација на Ливија и Томаж Пандур, претстава која е омаж за Томаж Пандур (Словенечкото народно гледалиште СНГ Марибор) и на 4 април „Другата страна“ во режија на Борис Лиешевиќ (Црногорското народно позориште). фф/ев/

Фото: МНТ

You May Also Like