• Wednesday, 01 April 2026

Комисијата за еднакви можности ќе одлучува за надзорна расправа за заштита од семејно насилство

Комисијата за еднакви можности ќе одлучува за надзорна расправа за заштита од семејно насилство

Скопје, 1 април 2026 (МИА) - Собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите денеска ќе одржи седница, на чиј дневен ред е предлог-одлуката за одржување надзорна расправа на тема: „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација,предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“.

Иницијатива е поднесена од пратеничките Жаклина Пешевска и Моника Зајкова. Се посочува дека оваа иницијатива се поднесува имајќи ја предвид потребата Собранието преку своите надлежни работни тела и во рамките на својата надзорна функција да обезбеди подетален увид во тоа како надлежните институции ги спроведуваат законите, политиките и механизмите за превенција и заштита од семејно насилство и насилство врз жените како едно од суштинските прашања поврзани со човековите права, безбедноста, достоинството, недискриминацијата и еднаквите можности на жените и мажите.

- Семејното насилство и насилството врз жените не е само прашање на поединечна институционална реакција, туку прашање на функционалноста на целиот систем, на меѓуинституционалната координација, на навременото и ефикасно постапување, на достапноста на услугите и на постоењето јасни и применливи механизми за заштита. Оттука, потребата од парламентарна расправа за ова прашање како легитимно барање за системско согледување на состојбите, анализа на спроведувањето на законите што ја опфаќаат оваа проблематика и утврдување дали обезбедила институционална поставеност и дали ќе може да обезбеди навремена, координирана и ефективна заштита - се вели во предлог-одлуката.

Оваа иницијатива, како што се нагласува, е поставена исклучиво во рамките на надзорната функција на Собранието над Владата и органите на државната управа, односно како системска расправа за спроведувањето на законите, политиките и институционалните мерки од страна на органите на извршната власт. Предметот на расправата, како што се вели, е поставен така што Комисијата да добие општа, агрегирана, системска и институционална слика за начинот на кој функционира механизмот за превенција и заштита.

Во предлог-одлуката се посочува дека потребата од оваа надзорна расправа произлегува од неколку клучни аспекти.

- Прво, прашањето за превенција и заштита од семејно насилство и насилство врз жените има силна јавна, институционална и општествена димензија. Ефикасноста на институционалниот одговор не се оценува само според постоењето на закон, туку според неговата примена во пракса, координацијата меѓу институциите, пристапноста на мерките за заштита и довербата на граѓаните во системот. Второ, ова е прашање што директно се поврзува со еднаквите можности. Институционалниот одговор на насилството мора да биде недискриминаторен, достапен и ефикасен. Доколку постојат институционални слабости, недоволна координација, недостиг на кадар, нееднаква пракса или ограничен пристап до поддршка, тоа влијае директно врз остварувањето на еднаквите можности и врз реалната заштита на лицата изложени на ризик. Трето, парламентарната надзорна расправа е соодветен механизам за да се добијат информации, мислења и појаснувања од надлежните органи, со цел Собранието да може да извлече заклучоци и доколку е потребно, да иницира натамошни институционални, политички или законски подобрувања - се вели во предлог-одлуката за одржување на надзорната расправа.

Надзорната расправа, како што се посочува во предлог-одлуката, би имала цел Комисијата да може, врз основа на добиените информации и стручни мислења, да изгради покомплетна слика за функционалноста на институционалниот систем, како и да предложи заклучоци и препораки за нивно унапредување. фф/ев/

Фото: МИА Архива

You May Also Like