• Thursday, 09 January 2025

Национална организација за јавно здравје на Грција: Метапневмовирусот не е нов во земјата, нема причина за загриженост

Национална организација за јавно здравје на Грција: Метапневмовирусот не е нов во земјата, нема причина за загриженост

Атина, 8 јануари 2025 (МИА) – Човечкиот метапневмовирус (ХМПВ) не е нов вирус за нашата земја и случајот, дури и да се потврди, нема да биде „прв случај“ во земјава. Врз основа на досегашните достапни податоци, нема причина за загриженост кај населението, соопштија попладнево од Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ) во врска со позитивниот примерок во Солун за кој чекаат конечна потврда од микробиолошката лабораторија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од ЕОДИ објаснија дека во конкретниот период циркулацијата на вирусот е многу ниска, додека според податоците што ги имаат „циркулацијата била висока во заедницата во февруари 2024 година, со пикот на почетокот на април, а значително се намалила од крајот на јуни 2024 година“.

- Во нашата земја е потврден позитивен примерок на човечки метапневмовирус ХМПВ (преку специјалниот метод за брза дијагноза FilmArray) и се очекува конечна потврда од Микробиолошката лабораторија на Одделот за медицина на Универзитетот „Аристотел“ во Солун (Национален референтен центар за грип во северна Грција). Пациентот пријавил контакт со роднина, кој неодамна патувал во Кина. Досегашните резултати од епидемиолошката истрага не ја поддржуваат поврзаноста на случајот со случаите во Кина, соопштија од ЕОДИ за 71-годишниот маж, кој е хоспитализиран во Солун.

Дополнително во врска со информациите за зголемување на респираторните инфекции во Кина, објаснија дека според Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болести, „нивоата на акутни респираторни инфекции, вклучително и човечки метапневмовирус ХМПВ во Кина се наоѓаат во основа на податоците од претходните години, во рамките на очекуваните граници за сезоната и не се пријавени невообичаени бранови“ и објаснуваат дека во Кина, засега, најзастапен е грипот А.

Откако утрово беше објавено дека е потврден случај на човечкиот метапневмовирус ХМПВ кај 71-годишен маж во Солун и грчките епидемиолози и министерот за здравство, порачаа дека нема простор за паника, бидејќи како што објаснија станува збор за вирус познат најмалку 20 години.

Како што објави МИА, министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис рече дека „не постои никаква причина за загриженост“, бидејќи станува збор за познат вирус, но и објасни дека побарале темелна анализа на потврдениот случај за да видат дали можеби станува збор за сој што не е познат или дали има некои опасни карактеристики.

- Метапневмовирусот не е нешто ново, како што беше Ковид во 2019 година, кога започна од Кина. Станува збор за познат вирус, кој напаѓа луѓе што со нарушено здравје или мали деца, кои сè уште немаат развиено имунитет, објасни Георгиадис.

Професорот по епидемиологија на Медицинскиот факултет во Атина, Гикас Мајоркинис, за државната телевизија ЕРТ посочи дека метапневмовирусот е „вирус за кој знаеме најмалку од 2001 година и за кој студиите покажаа дека кај луѓето постои со децении“ и дека засега, не е особено опасен, „иако може да одведе многу деца, како и луѓе кои припаѓаат на високоризични групи, во болница“.

- Една студија покажа дека антителата за вирусот се откриени од 1958 година. Исто така, истражувањата покажаа дека во Холандија биле заразени сите деца до петгодишна возраст, што значи дека тоа е вирус што веројатно сите сме го фатиле кога сме биле мали и не е нешто ново, посочи Мајоркинис.

Професорот објасни дека не постои вакцина или специфичен третман за ХМПВ, бидејќи се смета дека предизвикува релативно блага респираторна инфекција и не станува збор за сериозен вирус.

Коментирајќи ја загриженоста што постои поради случаите во Кина, истакна дека непотребно зазема големи размери и создава паника бидејќи „врз основа на податоците што постојат, најверојатно станува збор за „hype“ на социјалните мрежи, без да има вистинска основа“. ср/