• Saturday, 06 December 2025

Мицкоски: Стратегиската линија на ВМРО-ДПМНЕ е дека националниот идентитет не е предмет на преговори

Мицкоски: Стратегиската линија на ВМРО-ДПМНЕ е дека националниот идентитет не е предмет на преговори

Кавадарци, 6 декември 2025 (МИА) - Периодот 2025–2030 е стратешка раскрсница за државата. Во свет на променети геополитички рамнотежи, нови економски модели и еволуирани демократски стандарди, Македонија може да напредува само ако има политичка сила што води со јасна визија и со чувство за историскиот момент. ВМРО-ДПМНЕ, како најголем носител на државноста, ја презема таа улога со целосна свест за одговорноста која ја носи секој следен чекор. Партијата влегува во новата декада со уверување дека политичката зрелост не се мери со реторика, туку со способност да се трасира правец што ја штити државата денес и ја јакне за утре, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во обраќањето на почетокот од 18. партиски конгрес.

-Визијата за современа Македонија почива на јасни принципи: држава што го чува својот идентитет; држава што ја брани својата суверена позиција; држава што ја гради својата европска перспектива врз основа на партнерства, реформи и достоинствено претставување, посочи Мицкоски.

Историјата не е товар, туку, како што посочи, темел врз кој се гради современата национална самодоверба.

-Наследството на борбите за слобода, јазик, државност и културна самобитност создава три обврски за денешната генерација: да се зачува континуитетот и достоинството на македонската државност и идентитет; да се модернизира државата така што ќе биде отпорна на надворешни притисоци и внатрешни слабости и да се спречи злоупотребата на историјата за дневнополитички цели, вели Мицкоски.

Во 21 век, историското наследство не може да биде изговор за застој, напротив, вели, тоа е најсилен мотив државата да биде поефикасна, поорганизирана и повредносно кохерентна, а жртвите и идеалите на претходните генерации ја прават сегашната неефикасност, институционална слабост или корупција уште понедозволиви. Во овој контекст потенцира дека евроинтеграцијата на државата не смее да се сведе на пасивно прифаќање или безусловна зависност. 

-Македонската државност е создадена низ долг, тежок и историски скап процес. Затоа мора да се разбере како проект што се брани секој ден – преку силни институции, функционална правна држава, но потребно ни е и стабилно општество и јасна, самоуверена надворешна политика. Македонија е држава изградена врз европските вредности, слобода, демократска традиција и владеење на правото и затоа нејзиното место природно е поврзано со евроатлантското семејство. Но европската и евроатлантската интеграција не смеат да се сведат на пасивно прифаќање или безусловна зависност. Малата држава може да биде силна држава ако има самодоверба, чувство за сопствена тежина и јасен став за своите интереси. Македонија мора да знае да каже „да“ кога тоа е во нејзина корист, но и да каже „не“ кога се нарушуваат нејзините принципи, достоинство или идентитет, вели Мицкоски.

Во однос на партнерството со НАТО и ЕУ, тој потенцира дека тоа може да биде силно само ако е рамноправно. ВМРО-ДПМНЕ, пак, нагласи, не е радикална десница, ниту класичен конзервативизам затворен во минатото туку центар-десната модернизација подразбира држава што ги зачувува вредностите, традицијата и идентитетот, но истовремено гради динамична економија, иновативна администрација и институции што ја штитат слободата, приватната иницијатива и достоинството на граѓанинот.

-ВМРО-ДПМНЕ се позиционира како политичка сила што ги обединува најдобрите традиции на европската конзервативна мисла: развој без идеолошка агресија, патриотизам без исклучивост, економија што создава можности и држава што обезбедува поддршка за најранливите. Македонија може да биде европска само ако е стабилна во својата самосвест и сигурна во сопствениот идентитет. Во европската традиција на народните партии, националното не е етноцентричен инструмент, туку демократски израз на заедничка историја, култура и политичка волја, подвлече Мицкоски.

За Македонија ова е особено важно, вели тој, бидејќи државата е млада, изложена на историски искушенија и често соочена со обиди за релативизирање на нејзиното постоење.

-Затоа ВМРО-ДПМНЕ ја поставува следната стратегиска линија: националниот идентитет не е предмет на преговори; почитта кон другите идентитети е вредност, но не на сметка на сопствениот; јазикот, историјата и културата се фундаментални државни столбови; компромисите во меѓународната политика може дабидат технички, но не смеат да бидат суштински и државното достоинство не е реторика, туку практична политика, порача Мицкоски. вг/

Фото: МИА