• Thursday, 26 March 2026

Мицкоски: Очекувам новиот јавен обвинител да истражи како Катица Јанева ги предаде случаите од затвор, како се судеа луѓе за тероризам и се делеа бонуси во СЈО

Мицкоски: Очекувам новиот јавен обвинител да истражи како Катица Јанева ги предаде случаите од затвор, како се судеа луѓе за тероризам и се делеа бонуси во СЈО

Скопје, 26 март 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратенички прашања, од собраниската говорница истакна дека од новиот државен јавен обвинител Ненад Савески има големи очекувања и оти очекува повторно актуализирање на случаите на, како што рече, тогаш затвореничката Катица Јанева и однесувањето на одредени обвинители и специјални јавни обвинители во делот на обвинителската служба

- Ова се тие две работи, што верувајте, мора, и јас очекувам лично од новиот државен јавен обвинител да излезе со јасна информација во јавноста. Значи, тој и тој ден тоа се случило. Ако овој јавен обвинител тоа не го направи, ние ќе продолжиме да живееме во држава во која одредена група граѓани ќе биде повластена, а повеќето од нашите граѓани ќе бидат тие што ќе живеат во очај, ќе живеат во разочарување дека правдата не важи за сите - истакна Мицкоски. 

Премиерот се осврна на фактот дека голем дел предмети и претставки, кои, како што појасни, некои од институциите како резултат на внатрешната ревизија ги имаат испратено до канцеларијата на државниот јавен обивнител, стојат или во фиоката или се на дното од приоритетите и не се извадени. 

- Честопати на седница на Влада имаме точка на која ја анализираме работата на институциите врз основа на извештаи што Државниот завод за ревизија ги доставува до Владата. И до сега јас лично можеби стотина пати имам прашано, добро, ако ова го констатирал Државниот завод за ревизија за сите овие недостатоци, дали ова некаде е процесирано. Одговорот е, без исклучок, да, процесирано е до канцеларијата на јавниот обвинител - рече Мицкоски. 

Очекува сите тие предмети да бидат извадени и да се стават во обработка, да се види дали таму има основано сомнение за сторен криминал од тие институции, односно од луѓето што ги воделе. 

- И, верувајте ми, неколку стотици се такви затоа што јавноста со право честопати е критички настроена кон Владата - „И вие сте исти. Овие од претходно сите знаевме дека се криминалци. Ништо не направивте“. Јас не можем да го користам тој збор и да кажам знаевме дека се криминалци, но имаше основано сомнение дека имало сторен криминал во многу институции. И за волја на вистината, врз основа на тие извештаи од ДЗР може да заклучиме дека во тие институции, да, има основано сомнение дека е сторен криминалец. Зошто тоа не е досега истражено, зошто не е направена истрага, детаљна анализа, тоа не знам. Може да претпоставиме - нагласи премиерот Мицкоски.

Изрази надеж дека сега со новиот јавен обвинител ќе има детаљна анализа и врз основа на таа анализа јавноста ќе може да зборува малку повеќе поврзано со ова прашање. 

Првата работа, како што нагласи, е, како магично тогаш затвореничката Катица Јанева предметите што биле дел од специјалното јавано обвинителство ги доставила повторно во судската пракса.  

- Лично очекувам најмалку уште две работи, кои се многу важни во историска смисла на зборот за иднината на оваа држава. Ако не ја откриеме вистината за тие две работи, тогаш цело време ќе живееме во илузија. Првата работа е како магично тогаш затвореничката Катица Јанева предметите што беа дел од СЈО ги достави повторно во судската пракса. На ова прашање мора да најдеме одговор. Тоа е важно за иднината на оваа држава и за правосудниот систем и владеењето на правото. И, второ, исто така, според мене, многу важно, ако сакаме вистинска иднина, а ова ќе го поделиме на две подгрупи, како им се судеше на група луѓе за тероризам и врз основа на кои докази и како се изнудуваа изјави од тогаш таканаречените заштитени сведоци и втората подгрупа прашања за колкави дополнителни примања и бонуси станува збор за таканаречените специјални јавни обвинители и зошто се плашат овој предмет да влезе во фаза на истрага и во судовите - рече Мицкоски.

Ова, рече тој, се многу важни работи во името на вистината и во името на иднината на оваа држава и во името на владеењето на право.

- За овие две работи мора јавноста да ја дозае вистината ако сакаме да имаме правна држава. Сè друго е дневна борба против криминалот и корупцијата. Извештаите на Државниот завод за ревизија, внатрешните ревизии, што некои институти си ги направија и така натаму. Сето тоа, сето тоа е многу нешто, кое е дневна тековна работа - истакна Мицкоски. 

На собраниската седница за пратенички прашања, одговарајќи на прашање на Силвана Ангелевска од ВМРО-ДПМНЕ, тој упати апел за кого и да постои основано сомнение дека сторил криминал, вклучително и за актуелната Влада, јавниот обвинител да отвори истрага и да ја истурка до крај. Според него, не смее да има повластени. 

- Не постои за една нација, за една држава, поголема Ахилова петица од луѓе што носат одлуки во името на таа нација и таа држава, а се корумпирани, затоа што тие веќе не се свои и стравувам дека одлуките што ги носат може да бидат на штата на целата нација, на сите граѓани, на штета на самата државата. Затоа е подобро да се спречи отколку потоа да се лечи. Затоа мојата порака, еве од тука, од оваа говорница во Собранието, до државниот јавен обвинител е: нема повластени. Кој сака нека биде. Доколку постои основано сомнение за криминал, да се истражи. Има инструменти, предистрага, истрага и така натаму и сето тоа да се обелодени пред јавноста и таа мора тоа да го знае. Само така ќе можеме постепено да ја вратиме довербата кај граѓаните. Во спротивно и ние нема да успееме, ќе бидеме една од многуте влади, кои, за жал, не успале. Ние сме Влада што со своите постапки до сега покажува дека доколку постови еклатантен доказ за злоупотреба, постапува веднаш, без разлика за кого станува збор. И така очекувам да се однесува и новиот државен јавен обвинител - истакна Мицкоски. сс/вг/


Фото МИА

You May Also Like