• Tuesday, 17 March 2026

Мисајловски: Болката од трагедијата во „Пулс“ никогаш нема да престане – тоа беше најтешката ноќ во мојот живот

Мисајловски: Болката од трагедијата во „Пулс“ никогаш нема да престане – тоа беше најтешката ноќ во мојот живот

Скопје, 16 март 2026 (МИА) - Болката од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани никогаш нема да престане, тоа беше најтешката ноќ во мојот живот, истакна вечерва министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во емисијата „За или против“ на Алфа ТВ, Мисајловски уште еднаш изрази сочувство до семејствата и роднините на загинатите.

-Болката нема никогаш да прекине. Имав можност да бидам дел од „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“ каде се разговараше на оваа тема, со многу доктори, луѓе што помогнале, но и многу луѓе што дадоа предлози во иднина за секоја трагедија, секоја случка поврзана со криза, како подобро да се дејствува, што ќе биде од сето ова и поука. Знаете дека во кризни моменти поинаку се реагира, поинаку работи свеста, рече министерот.

Тој нагласи дека Армијата одиграла значајна улога во помошта веднаш по несреќата.

-Тој период, уште од првите часови, Армијата излезе на терен и во наредните денови помагавме колку што можевме. Имаше голема мобилизација, но за жал не можете да вратите ниту еден млад човек. Тоа е трагедија и навистина ми е тешко кога зборувам за тоа, потенцираше министерот.

Мисајловски упати благодарност до сите кои помогнале во справувањето со последиците од трагедијата - Армијата, униформираните лица, болничарите,... 

Говорејќи за првите моменти кога дознал за трагедијата, министерот рече дека тоа била најтешката ноќ во неговиот живот. Глетката, нагласи, никогаш нема да ја заборави.

-Во тој момент, сепак сум министер за одбрана. Веднаш отидов на работа и се формира Кризен штаб, најпрво во мојот Кабинет, а потоа и во други единици од командата, рече Мисајловски.

Тој додаде дека имал многу повици – со генерали, амбасади, конзули.

– Како институции сме должни да помагаме системот да биде подобар. Потребно е повеќе возила, различни системи, повеќе амбуланти и санитетски возила – сè што е неопходно за една држава да може да реагира во вакви трагедии, нагласи министерот.

Мисајловски истакна дека во деновите по трагедијата имало интензивна координација меѓу институциите, како и постојана комуникација со Црвениот Крст, на кој исто така му изрази благодарност за ангажманот и помошта. дма/мч/

Фото:МИА архива