• Saturday, 14 March 2026

Министерот Лимани на средба со албанската вице премиерка Кочиу

Министерот Лимани на средба со албанската вице премиерка Кочиу

Тирана, 13 март 2026 (МИА) - Македонскиот министер за социјална политика, демографија и млади,  Фатмир Лимани денеска во Тирана остварил средба со албанската вицепремиерка  Албана Кочиу, на која, според Лимани, станало збор за зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и Албанија во областа на социјалните политики, демографијата и зајакнувањето на младите. 
 
-На нашиот регион му се потребни политики што носат реална поддршка за семејствата, повеќе можности за младите и посилна социјална заштита за граѓаните. Токму затоа соработката меѓу нашите две земји е поважна од кога било, објави Лимани на Фејсбук. 
 
Додава дека кога институциите и политичкото лидерство соработуваат, вистинските добитници се граѓаните. 
 
Објава за веста има и албанскиот амбасадор во нашата земја, Денион Мејдани, кој го придружувал Лимани. 
 
-Посебен акцент беше ставен на  стратешкото значење и напредокот на Коридорот VIII, како еден од најважните инфраструктурни проекти за регионот, унапредувањето на процесот на европска интеграција, како целосното и доследно спроведување на Охридскиот договор, стои во објавата на Мејдани на Фејсбук. 
 
Тој средбата ја оценува како отворена и конструктивна „каде што беа разгледани предизвиците и можностите за понатамошно зајакнување на соработката меѓу земјите во регионот“. 


 
Министерот Лимани во Тирана се сретнал и со заменик министерката за Европа и надворешни работи, Вилма Премти. 
 
Разговарале за можноста за скора посета на Премти на нашата земја, како и за нови иницијативи за соработка меѓу институциите на двете земји. вт/вј/ 

Фото: Лимани/Мејдани Фејсбук вт