• Thursday, 26 December 2024

Милионска загуба: Отпадот од лозје загадува наместо да се користи за енергија 

Милионска загуба: Отпадот од лозје загадува наместо да се користи за енергија 

Кавадарци, 6 јануари 2024 (МИА) - Дане Јошев од Кавадарци има 67 години и за МИА откри дека откако знае за себе остатокот при резидбата на виновите лози, се гори на крајот од меѓата. Се надева дека дур е жив, ќе дочека, отпадот од лозјата паметно да се искористи наместо да се уништува.  

- Јас се надевам дека еден ден, Кавадарци како град на грозје и вино, ќе има централно греење преку искористување на овој отпад. Така ќе се намали и загадувањето, рече Јошев. 

Тиквешани се свесни дека се губат милиони преку горење на отпадот од лозјето наместо да се користи за енергија. Светот на различни начини го користи овој ресурс, а во Тиквешијата, со море од лозја, долги години се сонува за тоа ридовите од исечени лозови прачки да не ги „јадат“ огновите, да не се загадува воздухот, да не се влијае врз климатските промени и да не бидат потенцијална опасност за пожари. 

Секоја исечена гранка има своја калорична вредост и може да биде употребена за брикети или пелети кои би се користеле за грејните тела. Но, мора да се истакне дека отпадот не се само лозовите гранки по резидбата, отпад се и други остатоци при обаботката на лозите, но и овошните насади од Тиквешко и Росоманско, како најголеми региони на грозјето и праските во државата. 

Стручни лица потврдија за МИА дека наместо да се гори отпадот од лозјата и да се загадува околината, може да се искористи за повеќе намени. Имаше обиди во различни периоди, за искористување на овие лозови прачки, но засега, тие се се уште само декор по нивите, пред да станат храна за пламените јазици. И така секоја сезона, а се има случено, само во една противпожарна смена, да се гасат дури седум пожари предизвикани при горење на лозови прачки.  

Отпадот е само отпад доколку не е обработен

Био-отпадот од лозјата наместо да се гори може да се користи за повеќе намени, ни рекоа и Александра Караевска Димовска и Билјана Матевска, вклучени во проектот „Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во Тиквешкиот регион“. 

Проектот се спроведува како дел од програмата за соработка со бизнис секторот develoPPP.de, а се реализира со финансиска поддршка на германското Сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ),  преку Германско друштво за меѓународна соработка, во партнерство со винаријата ,,Бовин" и Центарот за истражување и креирање политики.  

-Праксата на горење на гранките на отворено, е нешто што е забрането со закон и не влегува во добрите практики што се наложени во законот за управување со отпад. Тоа е нешто што мора да се искорени, во што е можно побрз временски период, ако сакаме да се доближиме до ЕУ, вели Матевска, координатор на проектот во рамките на Центарот за истражување и креирање политики.  

Според неа, согорувањето на отворено е многу штетно пред се, затоа што овие гранки кога се сечат се согоруваат додека се уште се влажни. 

-Се согоруваат во услови каде што нема доволно кислород за согорувањето да биде побрзо и на тој начин се ослободуваат микрочестички пм10 и пм2.5, но и други канцерогени честички, полиароматски јаглероводороди, како што се диоксини и фурани. Лошото согорување влијае и врз создавање на големи количини пепел што се разнесува со ветерот низ воздухот, додава таа. 

Објаснува дека несоодветното согорување штетно влијае и врз почвите, а преку нив и врз подземните води, што се загадуваат. И секако, врз климатските промени, затоа што се ослободуваат  стакленички гасови, 

Тие ја испитале и енергетската вредност на гранките од лозите, преку брикети произведени од лозови гранки, без додатоци. Во сертифицирана лабораторија со исо стандард.  

- Добиена е бруто калорична вредност од 4.062 калории на килограм или 17 илјади џули на грам, еквивалент на висококвалитетна сува бука подготвена за горење. Прилично добар енегенс, што може да се користи комотно за загревање на големи простории, јавни објекти, домаќинства и слично, нагласи Матевска.

Според неа, брикетите може да се замена на некои од постоечките енергенси во јавни институции. 

-Да се замени огревното дрво и да не се сечат шуми, да се замени  мазутот што загадува и влијае врз климатски промени. Брикетите од лози се поисплатливи од струја и нафта и се поздраво греење, споредено со други енергенси, вели таа. 
 
Караевска Димовска, советник за управување со отпад при канцеларијата на ГИЗ, ни посочи дека овој отпад може да биде ресурс за греење, да се добие ѓубриво пестицид, сточна храна, брикети, пелети, други формати на грејни тела и слично на тоа. Но, како што нагласи, да се искористи и во прехранбена, фармацевтска и козметичка индустрија. 
 
 -Се планира да се развијат  бизнис модели за различни типови на производ, во соработка со тим од експерти, откри Караевска Димовска, нагласувајќи дека целта им е да ја зголемат свесноста околу можноста за искористување на овој отпад и вклучување на што е можно повеќе субјекти во тој еколошки процес.  
Караевска Димовска подвлече дека првично, заклучоците до кои доаѓаат ги реализираат заедно со ,,Бовин”, за подоцна тој модел на соработка да се оствари и со други винарници.

Според  анализите, инвестициите во искористување на овој потенцијал, би чинеле од педесет илјади евра, па нагоре.  

Костадин Китанов, директор на винарија ,,Бовин”, ни посочи дека имаат направено студии за искористеност од прачките на четири различни модели:биомаса за производство на енергија,  пелети за огрев, вештачко ѓубриво и био-ќумур. 

Тие го одбрале третиот модел, како најрентабилен, што би чинел околу педесетина илјади еврa и  дека се спремаат за негова имплементација и реализација.

Зелена винарница

Од винарската визба „Тиквеш“ ни рекоа дека во последниве години се во фаза на интензивни инвестиции во процесот на трансформација во т.н. зелена винарница, во согласност со својата стратегија за одржлив развој. 

-Во рамките на овој процес, винарницата од оваа сезона почнува да ги користи остатоците од дрвената маса од извршената зимска резидба на нашите лозови насади за сопствено производство на компост, велат од винарницата. 

Претходно е инвестирано во набавка на потребната специјална опрема и механизација, а дефинирани се и прецизни протоколи и експертиза за процесот на компостирање. 

-Покрај дрвената маса при производството на компост се користат и остатоци од производството на вино (комиње), растителни остатоци, арско ѓубриво и други органски материи, кои компостот го прават високо ефективен и корисен за насадите, ни одговорија од винарницата.
 
Оттаму нагласија дека паралелно, „Тиквеш“ инвестира во изработка на физибилити студија за искористување на целокупниот органски отпад од лозовите насади во насока на добивање топлинска енергија.  

-Овој процес е во фаза на развој на проект и е еден од повеќето чекори кои „Тиквеш“ ги презема со цел да се здобие со статус на зелена винарница. Меѓу нив се и проектите кои во винарницата се во поодмината фаза на имплементација – воведувањето иновативни дигитални решенија во процесот на производство, користењето обновливи извори на енергија, системот за управување со отпадни води, користењето полесна амбалажа со намален отпечаток на CO2, органско производство, додадоа од винарницата.  

Голем дел од децата во Тиквешко проодуваат и учат да зборуваат на лозјето, помеѓу лозовите прачки и грутките. Лозовите прачки, што најпрвин служат како материјал за изградба на импровизирани колиби, во игрите на многу тиквешки деца, денес се извор на загадување и опасност од пожари, но во иднина може да бидат вреден ресурс кој паметно може да се искористи.

Светлана Дарудова  

Фото: МИА

Оваа сторија е продуцирана со поддршка на регионалниот проект „SMART Balkans – Зајакнување на улогата на медиумите во справувањето со климатските промени“ имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (CRPM) и Институтот за демократија и медијација (IDM) и финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМФА). Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторите и не мора да ги одразува ставовите на Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМНР).