• Monday, 23 December 2024
МВР Билте (ДПЛ)

Скопје, 22 декември 2024 (МИА) - На 21.12.2024 полициски службеници од Полициско одделение Ранковце го лишиле од слобода А.И. (54) од село Петралица, затоа што со остар предмет го нападнал неговиот брат. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

Денеска (22.12.2024) во 00.20 часот во СВР Скопје, Н.Ќ.(60) од Скопје, пријавил дека на подрачјето на Центар, во неговото патничко возило, бил физички нападнат од едно лице кое го познавал. При тоа и му го оштетило патничкото возило. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 21.12.2024 во 20.10 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ја привеле А.Р.(42) од Скопје, затоа што агресивно се однесувала кон полициски службеник кој извршувал службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 21.12.2024 во 21.00 часот во Полициската станица Гази Баба, Р.Ѓ.(51) од с.Јурумлери, скопско, пријавил дека од домот се оддалечил неговиот брат Д.Ѓ.(47), кој имал здравствени проблеми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 21.12.2024 во 23.50 часот во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Д.Д.(43) од Скопје, поради тоа што упатувал закани кон неговата 42- годишна поранешна сопруга и нејзиното семејство. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Денеска (22.12.2024) во 01.20 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода В.В.(52) од штипско, по претходна пријава, дека физички ја нападнал неговата 47- годишна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 21.12.2024 околу 15 часот полициски службеници од СВР Штип ги лишиле од слобода Љ.Д.(45), И.Д.(25), А.Д.(24), Т.Д.(22) и К.Д.(25), сите од Штип, затоа што нападнале полициски службеници при вршење на службени дејства. Претходно, полициските службеници се упатиле кон манастирот „Воскресение Христово“ во атар на Штип, каде била пријавена кражба и по преземените мерки и активности во врска со тој настан, се упатиле кон Штип. При тоа, кај местото викано „Елките“, забележале запрежно возило натоварено со бесправно исечени огревни дрва. При преземањето мерки и активности за расчистување на настанот, полициските службеници биле нападнати од Љ.Д.(45), И.Д.(25), А.Д.(24), Т.Д.(22) и К.Д.(25), кои употребиле и тврди и остри предмети. Еден полициски службеник испукал и предупредувачки истрел во воздух, по што лицата се лишени од слобода и по документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава. Двајца полициски службеници се здобиле со повреди.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Џ.С.(72) од с.Речане поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 19.11.2024 на ул. „ЈНА“ во Гостивар, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „форд“, управувано од пријавениот, при што било констатирано дека врши јавен превоз на патници без да поседува лиценца за вршење на јавен превоз, издадена од надлежен орган.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Т.И.(58) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 19.11.2024 на ул. „Живко Брајковски“ во Гостивар, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „фолксваген голф“, управувано од пријавениот, при што било констатирано дека врши јавен превоз на патници без да поседува лиценца за вршење на јавен превоз, издадена од надлежен орган.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Д. (32) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „разбојништво во обид“ и „загрозување на сигурноста“. На 13.11.2024 во спортска обложувалница во Охрид, пријавениот со закани кон вработениот, се обидел да одземе пари, а откако не успеал, оштетил дел од инвентарот.  

Регионален центар за гранични работи Југ, поднесе кривична пријава против Н.Ч.(61) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“. На 06.12.2024 на Граничниот премин Меџитлија, за влез во државата, пријавениот приложил сообраќајна дозвола која претходно ја пријавил како загубена. нд/

Фото: МИА архива