• Wednesday, 15 January 2025

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 14 јануари 2025 (МИА) - На 14.01.2025 во 05.10 часот на ул. „Алија Авдовиќ“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишија од слобода Н.С.(48) од Скопје, кој бил баран со централна потерница по наредба од Основен кривичен суд Скопје за затворска казна од три години и два месеци за сторено кривично дело во врска со член 396 од Кривичниот законик – „неовластено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи“. 

МВР денеска соопшти дека лицето ќе биде предадено на надлежната казнено - поправна установа.

На 14.01.2025 во 07.35 часот на ул.134 во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишија од слобода Б.Ѓ.(46) од Скопје, кој бил баран со централна потерница по наредба на OJO Скопје, во врска со член 215 од Кривичниот законик – „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Лицето ќе биде предадено на ОЈО Скопје.

На 13.01.2025 во 16.50 часот, полициски службеници од Полициската станица Кочани го лишиле од слобода К.Ж.(47) од с.Соколарци, општина Чешиново - Облешево. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени пиротехнички средства и воздушна пушка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против И.М.(63) од село Лисичани, општина Пласница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење  јавен превоз без поседување лиценца“. На 27.12.2024 на пресекот на улиците „11 Октомври“ и „Кузман Јосифоски Питу“ во Кичево, полициски службеници го затекнале пријавениот како со своето возило „фолксваген транспортер“ врши јавен превоз на патници без лиценца за вршење на општински превоз на патници во внатрешниот патен сообраќај, издадена од надлежен државен орган.

На 13.01.2025 во 17.45 часот во СВР Скопје, од Казнено – поправната установа Затвор Скопје било пријавено дека во полуотвореното одделение во установата, во соба на притвореникот А.А.(27) од Скопје биле пронајдени и одземени марихуана и кафеава прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.  

На 13.01.2025 во 21.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Казнено – поправната установа Затвор Идризово, осуденикот В.М. физички нападнал затворски полицаец. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 13.01.2025 во 08.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека во периодот од 11.01. до 13.01.2025 на ул.„Цветан Димов“ од заталкано зрно од огнено оружје била оштетена влезна врата и еден прозорец на објект на правно лице. Исто така, било пријавено дека во истиот период, од заталкано зрно од огнено оружје бил оштетен прозорец и на објект на друго правно лице, на истата улица. Увид бил извршен од екипа на СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случаите.

Денеска (14.01.2025) во 01.24 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 01.00 часот на паркинг простор пред угостителски објект на подрачјето на општина Аеродром, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ф.Н.(27) и неговата девојка И.Т.(28), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

Денеска (14.01.2025) во 02.00 часот во СВР Скопје, Д.Т.(44) од Скопје пријавила дека околу 01.00 часот пред угостителски објект во населбата Илинден била физички нападната од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 13.01.2025 во 07.35 часот во СВР Скопје, од Поликлиниката Чаир било пријавено дека настанал пожар во една од просториите во установата. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид бил извршен од екипа на СВР Скопје.

На 13.01.2025 во 22.00 часот во СВР Скопје, 42-годишна жена од Скопје пријавила дека околу 17.30 часот во дворот од семејната куќа на подрачјето на Драчево била физички нападната од нејзиниот сопруг М.Т.(43) од Скопје, кој потоа го оштетил нејзиното возило. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

На 13.01.2025 во 14.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на 12.01.2025 околу 18.00 часот во с.Батинци, скопско, била опожарена куќа сопственост на И.Џ.(56). Пожарот бил изгаснат, а увид извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.01.2025 во 13.00 часот во СВР Скопје, Љ.С.(28) од Прилеп пријавила дека на 10.01.2025 околу 23.08 часот на подрачјето на општина Аеродром, едно лице со употреба на физичка сила ѝ ја одзело чантата со документи, пари и други предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.01.2025 во 09.45 часот во СВР Битола Б.Ј.(43) од Битола пријавил дека на ул. „Широк сокак” во Битола бил каснат од куче скитник.

На 13.01.2025 во 12.50 часот во СВР Битола Х.П.(29) од с.Кременица, битолско,  пријавил дека на ул.„Смилевски конгрес“ во Битола бил каснат од куче скитник.

На 13.01.2025 во 15.00 часот во СВР Битола А.М. од Битола пријавила дека во рудник Суводол во РЕК Битола била касната од куче скитник.

На 13.01.2025 во 14.30 часот, А.З.(45) од Струга во полициска станица пријавила дека на улица „Маркс-Енгелсова“ во Струга била касната од кучиња скитници.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против 17-годишник од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Во периодот од 19.08. до 23.08.2024 во Дорјан, пријавениот искористил прилика и неовластено обезбедил податоци од дебитна картичка на едно лице, по што со мобилен телефон од друго лице извршил четири трансакции со картичката.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против И.А.(33) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 26.01.2023 во Виница, полициски службеници од ОВР Виница извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Б.А.(23) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”. На 20.06.2023 во Кочани, полициски службеници од ОВР Кочани извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и канабис.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Р.С.(57) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 31.12.2024, полициски службеници кај пријавениот пронашле и одзеле пиротехнички средства.  

Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против А.И.(20) од с.Огњанци, скопско и против 17 - годишник од с. Палатица, општина Желино, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“. На 05.01.2025 на автопатот Табановце – Куманово, пријавените во патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки превезувале три лица мигранти, од кои две од Кина и едно од Индија.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Е.Б.(18) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовалстено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи’’. На 14.12.2024 во Куманово, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пиротехнички средства.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.С.(23) од гостиварско село поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело ,,запуштање и малтретирање на дете“. Пријавената, физички ја малтретирала нејзината поќерка, по што ја напуштила куќата и го оставила девојчето.  цр/

Фото: МИА архива