• Friday, 20 March 2026

Мартин до Трамп: Европските лидери имаат капацитет за соработка со САД околу војната во Иран

Мартин до Трамп: Европските лидери имаат капацитет за соработка со САД околу војната во Иран

Вашингтон, 17 март 2026 (МИА) - Ирскиот премиер Михол Мартин за време на денешната средба во Белата куќа му порача на американскиот претседател Доналд Трамп дека Вашингтон и европските сојузници можат да работат заедно на надминување на разликите во врска со војната во Иран, нагласувајќи ја важноста на трансатлантските односи во време на зголемени тензии.

Средбата во Овалната соба, која траеше 40 минути, се одржа во сенка на критиките од ирската претседателка Кетрин Коноли за американско-израелските напади врз Иран. Трамп одговори дека светот треба да биде „благодарен“ за интервенцијата, тврдејќи дека без неа Блискиот Исток би се соочил со нуклеарна војна која би ја погодила и Европа. Тој исто така повторно го критикуваше НАТО и ја оцени позицијата на британскиот премиер Кир Стармер како „голема грешка“. Мартин застана во одбрана на Стармер, истакнувајќи дека тој е сериозен лидер со кого Трамп веќе соработувал и дека постои капацитет за заеднички „терен за слетување“ и покрај сегашните несогласувања.

За време на разговорот, Трамп вети дека цените на енергенсите драстично ќе паднат по завршувањето на војната и најави можна посета на Ирска наесен. Од своја страна, Мартин повика на соработка и за прашањата на имиграцијата, сугерирајќи воспоставување на правен пат за миграција меѓу САД и Ирска.

Инаку, годинешните настани по повод Свети Патрик во САД беа делумно бојкотирани од челниците на Шин Фејн, Мери Лу Мекдоналд и Мишел О’Нил, поради политиките на американската администрација во Газа. ссм/

фото: ДПА