• Saturday, 28 December 2024

СДСМ бара оставка од Цвета Ристовска од ДКСК поради случајот со Бојан Христовски

СДСМ бара оставка од Цвета Ристовска од ДКСК поради случајот со Бојан Христовски

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - СДСМ бара оставка од Цвета Ристовска од Антикорупциската комисија поради сомнежи за судир на интереси по одлуката поврзана со директорот на АНБ, Бојан Христовски, како и повлекување и преиспитување на одлуката за случајот со дипломата на директорот на АНБ и расчистување на прашањето за евентуалните неправилности во анализата на Државниот просветен инспекторат.

- Фактите кои ги објавија медиумите и се целосно достапни за јавноста се крајно загрижувачки.  Тие ја разнишуваат довербата во ДКСК и ја компромитираат нејзината независност и објективност при одлучувањето. Алармантно е откритието дека членката на ДКСК, која беше задолжена за овој случај и реферираше дека „сè е во ред“ со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата која ја издала спорната диплома. Воопшто не е важо дали е платена за тоа или не, рече на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. 

Со пријава до ДКСК, како што посочи, оспорена е диплома од Универзитетот на кој Ристовска била професорка во време кога Христовски дипломирал во рок од една година.

- Ова претставува уште еден основ за директен судир на интереси, што е во спротивност со Етичкиот кодекс на ДКСК, каде што јасно е наведено дека членовите не смеат да одлучуваат за предмети каде постои судир на интереси (член 9). Не смее да има ниту најмал сомнеж за конфликт на интерес кај оние што треба да се борат против конфликт на интерес. Ристовска требало да биде изземена од овој случај. ДКСК треба да биде пример, а не да остава впечаток дека штити било кого, рече Кузеска.

Пиши-бриши постапките на Универзитетот за туризам и менаџмент, како што истакна Кузеска, дополнително ги подгреваат сомнежите дека намерата е нешто да се сокрие од јавноста.  

Нагласи дека Ристовска била избришана од составот на универзитетскиот кадар, за вчера повторно да биде вратена на интернет страната на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. 

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) констатираше дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. На седницата, ДКСК утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ, но истакна дека нема надлежност за директна експертиза на дел од документите.

Одлуката на ДКСК следува откако во случајот со именувањето на директорот на АНБ, Бојан Христовски, спорни беа сертификатот за англиски јазик, за кој постојат сомневања дека е издаден од неовластено јазично студио во Пловдив, Бугарија, поврзано со издавање на лажни сертификати, дипломата за високо образование, за која имаше сомневања за валидноста од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и документите за работно искуство, каде што се постави прашање дали Христовски има доволно години стаж на раководни позиции, како што е предвидено со законските услови. Овие сомневања беа предмет на истрага од страна на ДКСК и други надлежни институции. дма/бак/

Фото: СДСМ