Концерт на „Распеани паланчани“ во Градскиот музеј на Крива Паланка
- Староградското друштво „Распеани паланчани“ синоќа одржа концерт на староградски кривопаланечки песни во Градскиот музеј Крива Паланка. На концертот беа изведени незаборавните староградски песни инспирирани од кривопаланечката традиција и историја, од вистински настани и и личности кои го претставуваат индентитетот и духот на градот.
Крива Паланка, 12 ноември 2024 (МИА) - Староградското друштво „Распеани паланчани“ синоќа одржа концерт на староградски кривопаланечки песни во Градскиот музеј Крива Паланка. На концертот беа изведени незаборавните староградски песни инспирирани од кривопаланечката традиција и историја, од вистински настани и и личности кои го претставуваат индентитетот и духот на градот.
Настапот на познатото староградско друштво предизвика голем интерес кај публиката, која посведочи за носталгијата за минатите времиња и елегичноста на староградскиот мелос, што будат чувства за некогашниот културен живот и личностите кои оставиле неизбришливи траги во кривопаланечката историја.
Во просториите на музејот одекнаа звуците на познатите елегични напеви со незаборавните „Минеш, минеш“, „Одала се е мамо Ленка Стевчова“, „К'т сам чула и разбрала“ и многу други. Во галерискиот простор на оваа културна установа беа изложени и фотографии од музичката историја на „Распеани паланчани“ низ годините, што го направи овој перформанс своевидно навраќање на времето на староградската традиција и култура на „Градот на културата за 2024 - Крива Паланка“.
Одговорните на друштвото доделија признанија на заслужни членови и личности за несебичната поддршка и повторното заживување на староградскиот ансамбл.
„Распеани паланчани“ се репрезент на кривопаланеката култура и традиција, која досега ја презентирале на бројни фестивали во земјава и странство. Низ друштвото минале бројни членови, а последните години во него членуваат и млади генерации.
Настанот е дел од програмата на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“. ид/мд/
Фото: Општина Крива Паланка