• Friday, 04 October 2024

Коалиција „Менуваме“ најавува протест доколку не се исплатат надоместоците на персоналните асистенти

Коалиција „Менуваме“ најавува протест доколку не се исплатат надоместоците на персоналните асистенти

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Претставници од Коалицијата „Менуваме“ и од ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието остварија средба на која разговарале за неисплатените надоместоци на персоналните асистенти за шести, седми, осми и деветти месец. Од Коалицијата „Менуваме“ за во сабота, 12 октомври, пред Владата најавуваат протест доколку не се реши ова прашање.

-Денеска сме тука на барање на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери, во однос на настанатиот проблем, односно неисплатените надоместоци на персоналните асистенти за шести, седми, осми, како и деветти месец. Разговаравме и побаравме тие да бидат медијатори во Министерство за социјална политика, демографија и млади, бидејќи тие се надлежни согласно настанатиот проблем за неисплаќање на асистентите. Побаравме ние да учествуваме во преговарачкиот тим како невладина организација и Црвениот крст на Македонија, каде што заеднички ќе изготвиме извештај кој што ќе ги детектира сите слабости, изјави денеска Суарет Алишан од Коалиција „Менуваме“ по завршување на средбата.

Како што потенцираше, втората тема на разговор беше запознавање на проблемот со Националниот сојуз на слепи.

-Втората тема на разговор беше да се реши проблемот со Националниот сојуз на слепи на Македонија. Во Националниот сојуз на слепи на Македонија се случуваат низа пропусти кои се со лукративни цели или со криминогенско делување. До сега се исчезнати многу пари, ангажирани се непотребни ресурси и исчезнати се имоти. Државата е запознаена со ова, како и надлежните институции - Јавното обвинителство и Управата за финансирање на МВР. Сметам дека сите ќе си ја сносат одговорноста, бидејќи денешниот хаос е благодарение на Националниот сојуз на слепи, додаде Алишан.

Тој посочи дека разговарале и за други точки, но приоритетно останува решавање на проблемот со неисплаќање на персоналните асистенти.

-Протестот е закажан за 12 октомври, сабота, пред Владата. Протестот е еден вид на „крик“ за да не видат и разберат, бидејќи ние денеска имаме информација дека до утре ќе ги добијат парите провајдерите, но тие пари се само за шести, седми и осми месец. Чекаме деветтиот месец да биде подмирен до 11-ти, во петок. Во спротивно, излегуваме на протест на 12 октомври и не попуштаме, бидејќи овие проблеми мора да бидат решени, додаде Алишан.

На новинарско прашање каков одговор добија од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на денешната средба, Алишан рече дека тие се заложиле за решавање на проблемот.бт/аа/

Фото: МИА