• Thursday, 26 December 2024

Карапејовски: Се надевам дека ставот на претседателката за внатрешен консензус е на иста линија со заложбите на ЗНАМ за Национална платформа 

Карапејовски: Се надевам дека ставот на претседателката за внатрешен консензус е на иста линија со заложбите на ЗНАМ за Национална платформа 

Скопје, 25 декември 2024 (МИА) – Високо ги цениме ставовите на претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова за модернизација и одржување на македонската Армија, како и потребата од внатрешен консензус кога се работи за надворешната политика, изјави денеска пратеникот од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бојан Карапејовски, по првото годишно обраќање на претседателката во законодавниот дом.

– Според нас, претседателката имаше доста инспиративен говор. Таа се држеше до своите уставни и законски надлежности, од една страна, но ги увери и очекувањата на јавноста и упати критика кон општествата. Во таа смисла, високо ги цениме нејзините ставови, особено нејзиниот поглед за модернизација и одржување на македонската Армија и грижа за припадниците на безбедносните сили, рече Карапејовски.

Изрази верување дека потребата од внатрешен консензус, која Сиљановска Давкова ја истакна во говорот, е на линија со заложбите на ЗНАМ за фомирање на Национална платформа за македонско национално единство.

– Особен акцент во нејзиниот говор, таа стави на надворешната политика, особено на потребата од внатрешен консензус кога се работи за надворешната политика, за сите неправди кои што ѝ се случуваа на Македонија на тој пат, така што, се надеваме дека нејзиниот говор е на линија на нашите претходни заложби за Национална платформа за македонско национално единство. Таа е на линија за остварување на внатрешен општествен консензус, од времето на Мисирков преку 8 Септември. Може сега е време да направиме нов општествен договор, нашиот предлог за Национална платформа мислам дека е добар предлог за да се постигне тоа нејзино верување, рече Карапејовски. ра/бак/

Фото: МИА