Иранскиот Врховен совет за кибер простор гласаше за укинување на забраната за ВатсАп
- Иранскиот Врховен совет за кибер простор, одговорен за управување со интернет прашањата, денеска гласаше за укинување на забраната за апликацијата за пораки ВатсАп (WhatsApp), која траеше повеќе од две години, објавија државните медиуми.
Техеран, 24 декември 2024 (МИА) - Иранскиот Врховен совет за кибер простор, одговорен за управување со интернет прашањата, денеска гласаше за укинување на забраната за апликацијата за пораки ВатсАп (WhatsApp), која траеше повеќе од две години, објавија државните медиуми.
„Забраната за ВатсАп и Гугл плеј (Google Play) беше едногласно укината со гласање на членовите на Врховниот совет за кибер простор“, објави официјалната новинска агенција ИРНА, додавајќи дека „ова е првиот чекор во планот за укинување на тоа ограничување“.
Консензусот за ова го потврди министерот за телекомуникации Сатар Хашеми на платформата Х.
По протестите во 2022 година предизвикани од смртта во полицискиот притвор на Махса Амини, која беше уапсена затоа што косата и се гледаше под шамија со што го крши строгиот закон за женско облекување, Иран ги блокираше Инстаграм и ВатсАп, најкористените апликации по забраната на Јутјуб, Фејсбук, Телеграм, Твитер и Тикток во претходните години.
Овој потег предизвика бурни реакции во Иран, а критичарите на ограничувањата велат дека ваквата контрола има скапи последици бидејќи „ограничувањата не донесоа ништо друго освен гнев и дополнителни трошоци“, напиша денеска на платформата X претседателскиот советник Али Рабиеи.
Други, пак, се против укинување на ограничувањата. паг/
Фото: МИА архива