• Monday, 21 October 2024

Инаугуриран осмиот претседател на Индонезија, Субијанто

Инаугуриран осмиот претседател на Индонезија, Субијанто

Џакарта, 20 октомври 2024 (МИА) – Прабово Субијанто (73) денеска е инаугуриран како осми претседател на Индонезија. Тој победи на претседателските избори што се одржаа во февруари.

Субиjанто денеска положи заклетва заедно со неговиот 37-годишен потпретседател, поранешниот градоначалник на Суракарта, Џибран Ракабуминг Рак. Тој го избра Рак, синот на поранешниот претседател Џоко Видодо, за негов потпретседател. Видодо, и покрај долгодишното ривалство, го поддржа Субиjанто наместо кандидатот на неговата сопствена партија.

Субијанто е поранешен министер за одбрана и генерал казнет поради кршење на човековите права за време на воената диктатура во најбројната муслиманска држава во светот.

Тој по инаугурацијата, на која присуствуваа лидери и високи претставници на повеќе од 30 држави, помина по улиците на Џакарта, каде илјадници луѓе го поздравуваа.

Субијанто вети дека ќе ја продолжи политиката на неговиот претходник Видодо, како што е изградба на нов главен град и воведување на ограничување на извоз на суровини со цел да се поттикне домашната индустрија.

Сепак, останува неизвесно како Субијанто ќе владее со најголемата економија во Југоисточна Азија, каде што речиси 90 отсто од 282 милиони луѓе се муслимани, по кампањата во која даде неколку конкретни ветувања освен континуитет со популарниот поранешен претседател.

Субијанто потекнува од едно од најбогатите семејства во земјата, за разлика од Видодо, кој беше прв индонезиски претседател од сиромашно потекло и не припаѓаше на политичката и воената елита.

Индонезија е бастион на демократијата во Југоисточна Азија, разновиден и економски жив регион со авторитарни влади, полициски држави и демократии во подем.

По децении диктатура на претседателот Сухарто, Индонезија во доцните 90-ти и раните 2000-ти беше зафатена од политички, етнички и верски немири. Оттогаш, таа ја консолидираше својата демократска транзиција како трета по големина демократија во светот со брзорастечка средна класа. ми/

фото: ЕПА