• Monday, 02 September 2024

Заменик командантот на КФОР на средба со Српска листа: Подготвени сме да се справиме со секоја безбедносна ситуација

Заменик командантот на КФОР на средба со Српска листа: Подготвени сме да се справиме со секоја безбедносна ситуација

Приштина, 31 август 2024 (МИА) – Заменик-командантот на мисијата на НАТО во Косово, КФОР, бригадниот генерал Федерико Бернака денеска разговараше со делегацијата на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), предводена од нејзиниот претседател, Златан Елек, при што посочи дека мисијата е „добро подготвена да реагира на сите важни безбедносни случувања“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Бернака ја прими СЛ во седиштето на Мисијата во Приштина, а како што се наведува во соопштението на КФОР, на средбата се разменети мислења за најновите безбедносни случувања, вклучително и за ситуацијата на север и загриженоста на Србите по последната акција на косовската полиција, во која беа затворени паралелните структури на Србија во општините со српско мнозинство во северно Косово.

Италијанскиот генерал порача дека КФОР има „видливо и флексибилно присуство низ Косово“ и дека е добро подготвен да реагира на сите релевантни безбедносни настани.

Вториот човек на КФОР ја повтори посветеноста на мисијата да придонесе за безбедноста и стабилноста „за сите луѓе кои живеат во Косово, во сите околности и непристрасно, во согласност со долгогодишниот мандат на ОН“.

„Во таа смисла, КФОР продолжува целосно да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој се води со посредство на ЕУ. КФОР продолжува да го спроведува својот мандат, врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година - да обезбеди сигурна и безбедна средина за сите луѓе кои живеат во Косово и слобода на движење, во сите околности и непристрасно“, се наведува во соопштението на мисијата на НАТО во Косово.

Косовската полиција во петокот ги затвори српските паралелни структури во четирите општини на север - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Постапката на Приштина ја осудија мисијата на ЕУ во Приштина, како и амбасадите на Соединетите Американски Држави, Германија, Велика Британија и Франција.иа/