• Wednesday, 08 January 2025

ЕУ додели 33 милиони евра за три системи за отпадни води во Хрватска 

ЕУ додели 33 милиони евра за три системи за отпадни води во Хрватска 

Брисел, 7 јануари 2025 (МИА) – Европската Унија одвои 33 милиони евра од Фондот за кохезивна политика наменети за три системи за отпадни води во јадранското крајбрежје на Хрватска. 

Станува збор за системи за собирање и секундарен третман на отпадните води во реоните на Нови Винодолски, Цриквеница и Селце, кои треба да бидат завршени до 2027 година. Дополнително, системот во Нови Винодолски ќе има и соларна машина за сушење на тиња од отпадните води. 

Како што соопшти Европската комисија, овие реони во моментов се соочуваат со значителни загуби на вода, а дополнителен проблем претставуваат и дивите приклучоци на канализациската мрежа за атмосферски води. 

По повод оваа одлука извршниот потпретседател на Европската комисија за кохезија и реформи Рафаеле Фито оцени дека овие проекти се конкретен пример за тоа како политиката за кохезија на ЕУ секојдневно го подобрува животот на граѓаните.  

- Граѓаните од Нови Винодолски, Цриквеница и Селце можат да очекуваат побезбедна вода, подобрено собирање на отпадните води и поголема атрактивност на областа за туристите. Овој проект, исто така, ќе придонесе за заштита на животната средина на хрватското јадранско крајбрежје, бидејќи подобреното собирање и третман на отпадните води ќе го намали загадувањето на почвата и морската вода, додаде Фито. 

Во соопштението се потсетува дека Цриквеница и Нови Винодолски годишно привлекуваат по околу 329.000 туристи, кои остваруваат околу 4,5 милиони ноќевања. - Проектот ќе даде дополнителен поттик на привлечност на овие региони за туристите, граѓаните и бизнисите, нагласува ЕК. сп/

Фото: МИА Архива