• Friday, 10 January 2025

Државниот врв на божикен ручек и именден кај поглаварот на МПЦ - ОА г.г. Стефан

Државниот врв на божикен ручек и именден кај поглаварот на МПЦ - ОА г.г. Стефан

Скопје, 9 јануари 2025 (МИА) - Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан, денеска по повод божикните празници и својот именден, приреди традиционален божикен ручек за државниот врв.

-На 9.1.2025 г., трет ден Божик, кога Црквата го прославува и споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан, Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан, по повод божикните празници и својот именден, приреди традиционален божикен ручек за државниот врв. На божикната трпеза присуствуваа претседателката на Република Македонија г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот на Македонија г. Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието на Македонија г. Африм Гаши, како и Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар и Митрополитот Повардарски г. Агатанге, се наведува од соопштението од МПЦ-ОА.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на Фејсбук објави дека денеска имал чест да присуствува на традиционалниот божиќен ручек, организиран во чест на именденот на поглаварот на Македонската православна црква, Охридска архиепископија, Неговото блаженство г.г. Стефан.

-Нека е за многу години, напиша Мицкоски. 

Во соопштението од Кабинетот на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, се наведува дека таа на г.г. Стефан покрај искрените честитки, му посакала добро здравје и изразила желба за понатамошно успешно извршување на важната мисија на духовен чувар и водач на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

На ручекот била потенцирана важноста на духовната сплотеност и заедништво во градењето, застапувањето и одбраната на националните интереси. ев/цр

ФОТО: МПЦ - ОА