Драмски театар со крводарителска акција ќе го одбележи Светскиот ден на театарот
- Драмски театар Скопје на Светскиот ден на театарот - 27 Март, од 11 до 17 часот во фоајето на театарот, ќе организира крводарителска акција со мото „Дарувај крв – одиграј ја најхуманата улога!“.
- Post By Хатка Смаиловиќ
- 13:36, 23 March, 2026
Скопје, 23 март 2026 (МИА) - Драмски театар Скопје на Светскиот ден на театарот - 27 Март, од 11 до 17 часот во фоајето на театарот, ќе организира крводарителска акција со мото „Дарувај крв – одиграј ја најхуманата улога!“.
Хуманитарната акција за дарување крв ДТС ќе ја организира во соработка со Црвен крст на РСМ - Општинска организација Карпош, со цел да се поттикне свеста за значењето на крводарителството и да се помогне во спасување човечки животи.
Како што соопшти Драмски, со само еден чин на дарување, секој поединец може да придонесе за спасување нечиј живот, да даде надеж и да биде дел од синџирот на добрина што ја прави заедницата посилна и похумана.
-По повод 27 март – Светскиот ден на театарот, а во духот на театарот како уметност што ја слави човечноста, емпатијата и заедништвото – актерите од Драмскиот театар ги повикуваат сите граѓани да учествуваат во оваа благородна акција и да станат дел од еден чин на хуманост и солидарност кој има вистинска и непроценлива вредност. Во знак на благодарност, секој крводарител ќе добие подарок – два билета за претстава за која сѐ уште има билети од редовниот репертоар во текот на април. Ги повикуваме сите хумани граѓани да ја прифатат оваа иницијатива и заедно, во годината кога ја одбележуваме 80-годишнината на Драмски, да покажеме дека театарот не е само сцена туку и простор на вистинска грижа, солидарност и љубов кон човекот, наведува Драмскиот театар. хс/вј/
Фото: Драмски театар Скопје