• Sunday, 22 March 2026

Дневниот центар за стари лица во втора фаза на презентација пред гевгелиските граѓани

Дневниот центар за стари лица во втора фаза на презентација пред гевгелиските граѓани

Гевгелија, 22 март 2026 (МИА) - Општинската организација на Црвен крст Гевгелија ја спроведува втората фаза од проектот за Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење кој ќе функционира за подрачјето на Гевгелија. Во оваа фаза на проектот предвидено е тој да биде презентиран и да стигне до крајните корисници.

Според информациите од Црвен крст - Гевгелија, просторот е веќе опремен, се наоѓа на лесно достапна локација на приземјето на Градскиот трговски центар, а ќе биде отворен од понеделник до петок од 8 до 16 часот.

- Следејќи ги светските трендови, Општинската организација на Црвен крст Гевгелија во партнерство со Општина Гевгелија ја воспоставува услугата „Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење“, која е одраз на реалните потреби за поддршка на лицата во третото доба во текот на стареењето. Се очекува тука да се обезбеди пријатна средина за дружење, едукација и креативни активности на овие лица. Главна цел на Центарот е да го унапреди квалитетот на животот, благосостојбата и психо-физичката состојба на старите лица, истакна Лазар Мешков, секретар на гевгелискиот Црвен крст.

Во современо опремениот простор главното мото со кое се пречекуваат лицата од зрелата доба е дека активното стареење е патување во кое поддршката, вниманието и човечноста го прават секој ден значаен, додека на рекламните информации се наведени активностите кои центарот треба да ги понуди, а тоа се: едукации, креативни работилници, друштвени активности, екскурзии, размена на искуства, интерактивни игри.

Новата социјална услуга која се воспоставува во Гевгелија е заединчка иницијатива на Општината и Црвениот крст, како резултат на одобрена апликација на третиот Јавен повик во рамки на Проектот за развој на социјални услуги, спроведуван од Министерството за социјална политика, демографија и млади, а поддржан од Светска банка.рш/вј/

Фото: МИА

You May Also Like