Герасимовски: Салата „Работнички“ ќе го носи името на легендарниот Лазар Лечиќ, предлогот ќе биде ставен пред Советот
- Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека целосно реконструираната спортска сала „Работнички“ ќе го носи името на легендарниот тренер Лазар Лечиќ, се наведува во соопштението од Општина Центар, што МИА го пренесува интегрално.
25 февруари 2026
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека целосно реконструираната спортска сала „Работнички“ ќе го носи името на легендарниот тренер Лазар Лечиќ, се наведува во соопштението од Општина Центар, што МИА го пренесува интегрално.
Во интервју за „Тема на денот“ на телевизијата „Сител“, Герасимовски посочи дека на следната седница на Советот ќе ја предложи точката салата официјално да биде именувана „Лазар Лечиќ“. Предлогот произлегол од иницијатива на ветераните на КК „Работнички“ и спортската јавност, кои инсистирале името на салата да ио продолжи духот и традицијата на клубот.
Герасимовски нагласи дека особено се гордее како е реализиран проектот и им се заблагодари и на претходната и на актуелната Влада за финансиската поддршка што овозможила салата темелно да се реконструира.
„Имаме целосно нова сала, од покривот, ново осветление и вентилација до нов модерен паркет, нови санитарии, средени канцеларии за спортските федерции. Буквално од корен е реконструирана. За мене ова има посебно значење, а верувам и за сите центарци и скопјани“, посочи тој.
Герасимовски потсети дека првиот офиицијален натпревар во салата е планиран в петок кога македонската кошаркарска репрезентација ќе одигра меч против селекцијата на Луксембург.
Фото: Општина Центар